Интегрален текст од изјава на Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Битола:
Ветувам дека после 30 години самостојност на нашата држава, Битола ќе добие
сообраќајни влезови кои најсоодветно ќе го отсликуваат модерниот град кој заедно ќе го градиме, најави кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалицијата, Христо Кондовски на денешната прес конференција.
“ Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите градски сообраќајни влезови во градот, популарно познати како влезови од страната на Прилеп, Охрид и границата со Република Грција. Со предвидените булеварски решенија, ви гарантирам дека уште на самиот влез ќе се знае дека станува збор за модерен и прекрасен град! Но, нема да се задржиме само на коловозот. Дополнително ќе бидат преземени сите комплетни градежни работи, архитектонско обликување и сообраќајно означување на влезните сообраќајници. На овој начин ќе се зголеми безбедноста на сите граѓани и условите за хумано живеење и функционирање на бизнисите во тие делови од градот, подобрување на мобилноста, севкупниот општествен и локален економски развој. Периодот на изведба на влезните сообраќајници ќе трае 2 години, а нивната изведба ќе чини 3 милиони евра”, рече Кондовски.
Реконструкцијата на трите сообраќајни влезови во Битола е еден од топ петте проекти во изборната програма на Кондовски од областа на инфраструктурата. Со пробивањето на подземната сообраќајница кај Хотелот Епинал и подземните гаражи под Плоштадот Гоце Делчев, со проектот ВЕЛО град, изградбата на седумте кружни крстосници и реконструкцијата на Индустриски пат, Битола ќе доживее инфраструктурен и сообраќаен бум со кој битолчани ќе се гордеат, вели Кондовски.