22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поборникот за транспарентни ДУП-ови, Јана Белчева имала директна корист од спорен ДУП изгласан од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за плац во Долно Водно?!

 


Дали и колку се искрени намерите на носителката на советничката листа на „Шанса за Центар“ Јана Белчева Андреевска за развој на општината или пак зад нејзината, како што вели, независна кандидатура стојат политичко-партиски интереси?!

Иако ветува поголема транспарентност при носењето на ДУП-овите и ставање крај на урбанистичкиот хаос во општината, според информациите до коишто дојдовме, самата Белчева најверојатно ја има „мувата на капата“ кога станува збор за придобиена градежна корист од спорно донесен ДУП и противзаконски Одлуки на Советот на општината кои датираат од 2014 година.

Поточно, на име на членови на нејзиното најтесно семејство, односно мајката на Белчева, во Катастарот е впишана сопственост на имот на градежна парцела во Долно Водно, која во 2012 година општината ја впишала како градежна парцела за објект со домување со посебен режим, чија дозволива бруто изградена површина изнесува 535 метри квадратни.

Но, само по само две години овие 535 метри квадратни во сопственост на семејството Белчеви се удвојуваат, па така со Одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-4414/4 од 18.07.2014 на оваа иста катастарска парцела и се овозможува бруто изградена површина од 988 метри квадратни, пренесува Бриф.мк.

Ваквата Одлука на тогашниот Совет на општината, со која директна корист има семејството Белчеви, не е донесена во согласност со Законот за локална самоуправа, каде категорично е наведено дека ваква одлука се носи со мнозинство гласови од советниците. Знаејќи го фактот дека Општина Центар брои 23 советника, логично е потребно мнозинство да изнесува дванаесет гласови за одлуката да биде усвоено.

„Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон“, се вели во член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа.

Спорната одлука за овој ДУП за Градска четврт Ј07 од 2014 година, каде е парцелата на Белчеви, односно прописот на Советот на општина Центар, е „донесена“ со 11 гласови „ЗА“, односно со поддршката на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, наспроти исто толку 11 гласови „ПРОТИВ“ , од советничка група на СДСМ.

За ваквата одлука на Советот бурно реагираше тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, кој за ситуацијата го извести и поранешниот министер за локална самоуправа Лирим Шабани. Помалку и изненадувачки министерот донесе решение во целата спорна ситуација да се вклучи и Инспекторатот, најавувајќи соодветни мерки.

-Ова значи дека има надеж и дека некој во Владата сака да ги почитува законите. Денеска ги добив потпишаните одлуки од претседателот на Советот. Сметам дека тие ДУП-ови се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа и Законот за просторно и урбанистичко планирање, изјави во 2014 година Андреј Жерновски.

Тогашниот градоначалник реши да ја оспори законитоста на спорно усвоената одлука и пред Уставниот суд, но оттаму пак се прогласија за ненадлежни и како што образложија тие не је ценат законистоста на постапката на донесувањето на плановите според одредбите од Законот за локална самоуправа, па затоа постапката ја прогласија за ирелевантна и ја отфрлија иницијативата.

Гласна против ваквата одлука на своите колеги, беше тогашната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска, според која е необјасниво и неодржливо тврдењето дека кога се цени уставноста и законитоста на урбанистичките планови, Уставниот суд да ја цени постапката за донесување на урбанистичките планови во смисла на постапка за нивно изработување и донесување исклучиво според Законот за просторно и урбанистичко планирање.

-Сепак, овие Одлуки Советот на Општина Центар ги смета за донесени, а Претседавачот на Советот ги потпишува и проследува до Градоначалникот на општината. Бидејќи Градоначалникот постапува според член 51 став 1, на 04.08.2014 на 24-тата седница на Советот на Општина Центар решавал по решенијата за запирање на објавувањето на претходно наведените две оспорени одлуки, при што повторно не е добиено апсолутно мнозинство за неприфаќање на тие решенија, со оглед на тоа дека 11 советници се изјасниле “за“ предлогот, 11 “против“ и 1 советник бил “воздржан“, пишува Габер-Дамјановска.

И покрај тоа што и градоначалникот на општината, како и министерот за локалан самоуправа, но и дел од експерти, меѓу кои и уставни судии се сомневаат во законитоста на Одлуката на Советот, од која директна корист има семејството Белчеви, таа сепак стапи на сила, а пак шест години подоцна токму Јана Белчева Андреевска најавува нулта толеранција кон урбанистичкото дивеење. Во меѓувреме, од мај годинава на спорната катастарска парцела сопствениците се решаваат да градат.

Инаку Јана Белчева беше најгласен противник на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, особено по актуелизирањето на ДУП-от за Треска, по што стана еко-поборник и најголем критичар на СДСМ и локалната власт. По нејзината објава дека ќе настапува самостојно на претстојните локални избори, како носител на советничката листа „Шанса за Центар“, таа продолжува да ја обвинува единствено и само актелната локална самоуправа, но не и претходниците, па оттаму се поставува прашањето дали таа се чувствува должна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои овозможија нејзиното семејство да има двојно зголемена бруто изградена површина на парцелата во Долно Водно.