23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ивица Талевски, директор за одржливост на САСА, избран за нов претседател на Македонската асоцијација за рударство

Развој на рударскиот сектор согласно највисоките принципи за заштита на животната средина, поддршка на заедницата и интензивирање на соработката со сите релевантни партнери, најави Ивица Талевски, директор за одржливост на рудникот САСА, кој беше едногласно избран за нов претседател на Македонската асоцијација за рударство (МАР) при Стопанската комора на Северна Македонија.

Во својот настап пред членовите на МАР, Талевски ги истакна својата визија и приоритети за развој на рударскиот сектор, во насока на поголемо искористување на потенцијалот на оваа индустриска гранка и поттикнување на локалниот и вкупниот економски развој на земјата.

„Рудникот САСА од каде што доаѓам е пример за успешна деловна приказна базирана на одговорно работење, заштита на животната средина и градење на цврсти врски со заедницата. Овие принципи се темел, не само на САСА, туку на целата рударска индустрија, а како претседател на МАР ќе настојувам оваа пракса да биде основа за сите компании кои делуваат во овој сектор, бидејќи нема дилема дека сите имаме една заедничка цел – одржлив развој. Но, развојот на нашите компании и целата индустрија е невозможен без паралелен развој на заедницата, па затоа ќе се залагам токму оваа врска да биде уште повидлива за да создадеме успешна приказна и за компаниите и за граѓаните. Истовремено ќе се трудам да бидам достоен претставник на рударскиот сектор и нивен „глас во општеството“, истакна Талевски.

Тој најави и изработка на стратегија и конкретен план за делување на МАР во наредниот период, чија цел ќе биде зајакнување на довербата во рударската индустрија.
Рударството е значајна индустриска гранка во националната економија, која вработува над 7.200 лица. Во структурата на индустриското производство оваа гранка учествува со 10,87%. Просечната плата во овој сектор е за 34,2% повисока од просечната плата во земјата, што е уште една потврда за значењето на овој сектор.

Рудникот САСА, од каде што доаѓа Талевски, вработува околу 700 луѓе и е најголем рудник со подземна експлоатација на руда во земјава и меѓу 5-те најголеми рудници за олово и цинк во Европа. Од ноември 2017-та година сопственик на САСА е Централ Азија Металс – специјализирана компанија за развој на рударство со седиште во Лондон, Велика Британија, која котира на Лондонската берза (AIM: CAML). Своето богато искуство и најновите трендови во рударската индустрија во континуитет ги имплементира во САСА.

САСА е првиот рудник во регионот со A – интегрирана еколошка дозвола. Покрај тоа, рудникот работи според најсовремени меѓународни стандарди на управување (ISO 9001), за заштита на здравјето и безбедноста при работа (OHSAS 18001), за заштита на животната средина (ISO 14001) и за лабораториски испитувања (ISO 17025). САСА е меѓу најголемите извозници и меѓу 10-те најголеми компании, според уплатените средства за даноци.