По повод Светскиот ден на животните, вчера, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, го посети паркот за миленици спроти Нова Македонија, каде поразговара за одговорно сопствеништво, чипирање и стерилизација на домашните миленици со сопствениците на кучиња кои беа во паркот.
„Град Скопје е единствениот град со јавно претпријатие за улични животни, „Лајка“. Преку „Лајка“ се грижиме за бездомните животни на достоен и хуман начин. Граѓаните го паметат стационарот „Вардариште“ и хорор сцените кои веќе заминаа во минатото“, изјави Шилегов.
Тој со присутните дискутираше за нивните предлози и идеи во однос на состојбата со животните во градот, но и за одговорноста која Скопје ја има кон нив и за хуманиот третман. „ЈП Лајка“ е уште една убава приказна во редот со кој Скопје чекор по чекор заликува на вистинска метропола.
„ЈП Лајка“ е многу повеќе од само стационар за кучиња. Тоа е место каде се лекуваат, третираат, вдомуваат и ресоцијализираат бездомните животни. Во „Лајка“, животните добиваат целосен хуман и ветеринарен третман, крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија и поминуваат темелни проверки, пред вдомувањето. За разлика од минатото и „Вардариште“, „Лајка“ е место на радост и среќа“, додава Шилегов.
Со поддршка на Град Скопје, новиот концепт и објектот на прифатилиштето на „ЈП Лајка“, на граѓаните им става на располагање сервис за бездомни кучиња кој никогаш досега го немале.
Светскиот ден на животните, воспоставен во 1925-та година, се одбележува секој 4-ти октомври, како ден на кој ја подигнуваме свеста за правата на животните и нивната добросостојба.