23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Носиме инвестиции во секое населено место, за младите да останат во Кавадарци

Во следните четири години се посветуваме на градење силна економија, овде, во Кавадарци, но и во секоја друга општина, локалната економија е важна, таа е двигател на животот, особено кога е насочена во ист правец како и државната, порача претседателот Зоран Заев на вечерашната промоција на кандидатот за градоначалник и советничка листа за Кавадарци.

Инвестициите од централната власт стратешки ги насочуваме кон општините за отворање нови работни места и повисоки плати за секого, тука во Кавадарци, во вашето место на живеење. Нема за нас големи и мали општини инвеститорите ги носиме во секој град и секое населено место. Преземаме политики за рамномерен регионален развој и тие ќе овозможат луѓето да се определуваат да живеат и работат во родното место. Младите да останат во своите родни места, и таму да градат иднина и кариера затоа што ќе имаат работни места кои ќе бидат добро платени. За да не бегаат по Скопје или надвор од државата, за да создаваат за својата општина, за своето родно место“ порача претседателот Заев.

Покрај меѓународните успеси, додаде Заев, овие четири години покрај успесите на меѓународно ниво континуирано работевме на економски мерки и политики кои го унапредуваат животниот стандард на сите граѓани.

„Просечната плата ја зголемивме за 6.300 денари за само четири години и сега изнесува над 28.700 денари. Минималната плата од 9.000 денари ја зголемивме над 15 илјади денари, а тенденцијата е таа до крајот на годината да изнесува 18.000 денари. Од 9 на 18 илјади е 100- процентно зголемување на минималната плата. Пензиите пораснаа во просек по 2.000 денари за овие четири години, а ќе растат многу побрзо преку новата методологија за законското усогласување на пензиите со растот на просечната плата. Нашата цел е да овозможиме вакви примања, пензии и плати да заработувате во родниот крај – не во Скопје, не по светот – тука во Кавадарци да си го градите животот, со своите сакани“ истакна Заев повикувајќи ги граѓаните на 17 октомври да гласаат за бројот 12 за Горан Тодоров и советничката листа на СДСМ и Коалицијата.