23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Герасимовски и Шилегов: За еден мандат Центар доби 53.700 м2 нови и реконструирани паркови и нови 5.200 садници.

Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата заедно со Петре Шилегов кандидат и актуелен градоначалник на градот Скопје и дел од носителите на советничките листи остварија средба со граѓаните на Водно.

Инфраструктурните инвестиции беа фокусот на интересот на граѓаните при што Герасимовски ги спомена досегашните реконструкции.

„Во претходниот период реконструирани беа булеварите „Димитрија Чуповски“, „11 октомври“, „Кочо Рацин“, „ Крсте Петков Мисирков“, како и улиците „Лазар Личеновски“, „Бихачка“, „Црниче“, „Никола Карев“ (кај Железничката станица) и „Васил Ѓоргов“. А во ледниот период ќе започне и реконструкцијата на булеварите Кузман Јосифовски Питу и Митрополит Теодосиј Гологанов, рече Герасимовски.

Во делот на образованието Герасимовски потсети на реконструкцијата на гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ каде ќе се реконструира и градинката, како и средното медицинско училиште Др. „Панче Караѓозов“.

Герасимовски зборуваше и за зелените политики кои се застапени во неговата програма. Тој рече дека зелен Центар веќе се спроведува и во изминатиот период, при што истакна дека само во претходниот мандат во општина Центар биле подигнати 53.700 м2 нови и реконструирани паркови и нови 5.200 садници. Тој исто така ги спомена и новите зелени површини во паркот „Ибни Пајко“ и двата нови зелени покриви на „ГТЦ“ и на „Домот на градежици“. Во општината рече Герасимовски се пробија нови велосипедски патеки и се подигна и новиот памптрак полигон кај Олимпискиот базен.

Исто така Герасимовски рече дека во Центар реконструиран е Кејот 13 Ноември и плочникот на влезот на ГТЦ од страната на Плоштадот, а оваа година рече Герасимовски започна и реконструкцијата на Универзална сала, која ќе прерасне во современ културен центар.