Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со тимот од Естонскиот центар за меѓународен развој и претставници од Амбасадата на САД во земјава, со што официјално се означи почетокот на проектот насочен кон унапредување на дигитализацијата на Северна Македонија, а кој се спроведува со финансиска поддршка од Естонија и САД.
На средбата беа реафирмирани целите на проектот и беа прецизирани активностите кои ќе се спроведуваат во следниот период, при што вицепремиерот Димитров ја нагласи важноста на процесот на дигитализација во контекст на процесот на европска интеграција и се заблагодари за партнерството и поддршката со кои се унапредува принципот на добро управување.
Димитров: „Дигитализацијата е важен аспект од процесот на европеизација бидејќи ќе се подобри квалитетот и ефикасноста во обезбедувањето на услуги за граѓаните, ќе се осигури континуитетот и непречената работа на институциите, но воедно е и успешна алатка во борбата против корупцијата. Пренесувањето на естонското искуство во соработка со стратешки партнер како што е САД е одлична можност да создадеме успешна дигитална приказна во Северна Македонија.“
Овој проект претставува прва трилатерална соработка меѓу Северна Македонија, Естонија и Соединетите американски држави, насочено кон поддршка на процесот на приближување кон европските стандарди и напредок во европската интеграција.
Во рамки на посетата, претставниците од Естонскиот центар за меѓународен развој ќе остварат средби со повеќе институции, меѓународни донатори, претставници од приватниот и граѓанскиот сектор кои се активни чинители во областа. Целта на овие средби е мапирање на состојбите во врска со дигитализацијата на процесите и услугите, како појдовна точка за понатамошно спроведување на проектот, а во петок, 24 септември, ќе се одржи и прес-конференција за претставување на проектните цели и активности.