Претседателот Стево Пендаровски ја посети изложбата на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков, поставена во археолошкиот локалитет Стоби, а во рамки на проектот насловен „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка и го поздрави целокупниот концепт на проектот, кој истовремено придонесува за оживување на Стоби, презентација и популаризација на локалитетот. „Не смееме да дозволиме да се заборави наследството на нашите меѓународно признати уметници. Имајќи ја предвид големината на творештвото на Петар Хаџи Бошков, привилегија е да се погледнат дела кои долго време биле зачувани во негова лична сопственост“, посочи претседателот Пендаровски при разгледувањето на изложбата.
Идејата за изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков на археолошкиот локалитет Стоби, потекнува од програмата „Стоби – Жив град“. Делата се изложени на повеќе специфични локации во археолошкиот локалитет, претставувајќи ја врската помеѓу модерните и античките вредности.
Во рамки на посетата, Претседателот го посети и депото, каде беа презентирани пронајдените археолошки артефакти на локалитетот Стоби.
За време на посетата, директорот на НУ Стоби, Спасе Перовски, го запозна претседателот Пендаровски со предизвиците и приоритетите на археолошкиот локалитет, како и со идејата за изградба на музејски комплекс.