Министерот за финансии, Фатмир Бесими, заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерката за образование и наука, Мила Царовска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и членовите на меѓуресорската работна група за подготовка на програмата на економски реформи 2022 – 2024, го одржаа вториот состанок во рамките на процесот на подготовка на програмата.
На состанокот имаше дискусија за предлог-реформските мерки што ќе бидат вклучени во програмата за 2022 – 2024, а ќе бидат насочени кон зелена транзиција, дигитална трансформација, подобрување на деловното опкружување и намалување на неформалната економија, како и унапредување на човечкиот капитал.
Предложените мерки, кои ќе бидат дел од ПЕР 2022 – 2024 година, произлегуваат од препораките што се дел од усвоените заклучоци на годинашниот дијалог за економски политики одржан во јули 2021 година со претставниците на земјите членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, како и оценката на ЕК за програмата на економски реформи 2021 – 2023.
Се дадоа препораки за подобрување на првиот нацрт-текст на предлог реформските мерки. Тие во наредниот период ќе бидат разгледувани во рамките на советодавната мисија на ЕК и дадени на консултации со јавноста.
Ова е континуиран процес што се спроведува заедно со ЕУ и претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на државите членки на ЕУ со цел спроведување на клучните реформски процеси во земјата, кои ќе го интензивираат дијалогот со ЕУ.
Програмата на економски реформи ја прикажува усогласеноста на среднорочната макроекономска и фискална рамка со секторските структурни реформи за промовирање на конкурентноста и растот. Целокупниот процес на подготовка на документот го координира Министерството за финансии со учество на релевантните државни институции. Програмата треба да биде доставена до ЕК најдоцна до 31 јануари 2022 година.