25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пописот се одвива без проблеми, а исклучително мал број граѓани одбиваат да се попишат, рече директорот Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека пописот се одвива без проблеми и со посакуваниот интензитет.

Тој соопшти дека вчера се попишале точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Симовски оцени дека ова се одлични податоци, со оглед на тоа што се работи за работен ден.

Директорот Симовски истакна дeка мали технички предизвици кои постоеле на почетокот на спроведување на оваа статистичка операција, се надминати и дека веќе неколку дена се спроведува попишувањето без никакви проблеми со исклучително задоволувачки интензитет.

Одговарајќи на новинарски прашања директорот на ДЗС Симовски нагласи дека бројот на одбивања е исклучително мал и незначителен, и покрај негативната кампања која ја имаше и ја има цело време насочена кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот.

„Граѓаните не наседнуваат на оваа пропаганда и самите податоци го кажуваат тоа, нема потреба да бараме било какви други начини да кажеме дека граѓаните навистина активно се вклучуваат. Самите податоци за попишани лица мислам дека кажуваат сè“, посочи Симовски.

Таму каде што има првично одбивање се оди повторно и се разговара со тие лица.

„Оди нашиот државен инструктор, оди пописната комисија и до сега праксата покажува дека луѓето ја сфаќаат важноста и релевантноста на процесот и на крајот се попишуваат. Не применуваме никакви санкции сè уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека онаа пропаганда којашто е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации“, нагласи Симовски.

Тој посочи дека без документ никој не може да биде попишан, а таму каде што недостасува некој член од домаќинството, се договара терминот кога лицето ќе биде присутно.

Симовски изрази надеж дека пописот ќе биде заврешен во предвидениот рок.

Инаку, 512.457 граѓани се попишани во првите 9 дена од Пописот, од кои најмногу се во неделите на 12 септември – 111.186 лица и на 5. септември – 94.975 лица.

Статистичката операција е на третина од предвидените 26 дена пописни активности.