Министерот за здравство Венко Филипче со давањето оставка од неговата функција по трагедијата во модуларната болница во Тетово покажа интегритет, морална одговорност и сочувство со семејствата на настраданите, што предизвика позитивни реакции кај јавноста.
Голем број на граѓани на социјалните мрежи ја изразија поддршката кон Филипче, повторувајќи го досега постигнатото и истакнувајќи ја неговата професионалност. Дел од граѓаните сметаат дека Филипче, не треба воопшто да поднесува оставка, додека дел сметаат дека со оставката само се потврдува неговиот интегритет и човечка величина.
Помеѓу коментарите се забележува дека неговата отвореност и професионалност му помогнаа во менаџирањето на пандемијата на КОВИД-19 која го зафати целиот свет. Преку транспарентноста и смиреноста, Филипче ја стекна довербата на граѓаните и на новинарите кои известуваа за пандемијата.
Од друга страна, во текот на вчерашниот ден беа забележани и координирани напади и барања за оставка на Филипче, претставувани како барање на народот. Борбата за политички поени, за жал, ја претвори оваа трагедија во политичка битка, која ги помина границите на достоинството.
Опозициските политичари користејќи ја смртта на 14 наши сограѓани се обидоа со манипулации и извртување на фактите да добијат политички поени пред локалните избори, заборавајќи на тагата на граѓаните и човечкото достоинство.
Филипче, на крајот, сепак се одлучи за оставка како највисок морален чин, со цел да се спречи сомнежот дека може да влијае врз истрагата. Со цел избегнување на било каков сомнеж во истрагата, Владата ангажираше комисија од странски експерти кои непристрасно и јасно ќе постапуваат, водејќи се од нивното искуство и знаење.
Истрагата напредува и во јавното обвинителство, кои ги зедоа снимките од безбедносните камери од болницата и околните објекти. Обвинителството, исто така, ја презеде и целокупната документација за изградбата и одржување на модуларната болница, како од здравствената институција, така и од фирмата изведувач.