Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска прими делегација на Светска банка претставена од регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и директорот на банката за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.
Премиерот Заев на средбата ја истакна плодотворната соработка со Светска банка во широк спектар на области од клучно значење за Северна Македонија во последните години во реформирањето и модернизирањето на сите сегменти на македонската економија.
На средбата беше нагласено дека согласно стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, поддршката од оваа меѓународна институција се фокусира на проектите за развој на вештини и можности, особено за најранливите категории, на проекти за подобрување на општинските услуги, на инфраструктурни проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура, за унапредување на социјалните услуги, за унапредување на основното образование, на проекти за енергетска ефикасност и на повеќе други.
На денешната средба една од централните теми беше соработката за зајакнување на системот за јавно здравство во пост-ковид периодот, како и поддршката на Светска банка во обезбедувањето Систем за интегрирано менаџирање на јавните финансии.
Во оваа насока, премиерот Заев на средбата истакна дека партнерството со Светска банка и блиската соработка во идниот период ќе се фокусира на процесот на дигитализација како една од системските мерки за борба против корупцијата, паралелно со поддршката на програмите за справување со сивата економија.