12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Арсовска: За секоја држава треба да е приоритет здравјето на граѓаните и силна економија

„Подеднакво важна е грижата за здравјето на граѓаните како и вистинската грижа за националната економија што е основен услов за пристоен живот на сите граѓани”, изјави независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање на конференцијата „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност” како дел од Економскиот и финансиски форум 2021 на Министерството за финансии.

Таа истакна дека е потребна силна институционална поддршка, што е еден од главните темели преку кои може да се постигне економски раст во следните години.

„Сојузот на стопански комори на Македонија предложи и поддржа голем број на економски мерки кои имаа огромни бенефити во зачувување на работните места и обезбедија одржливост на приватниот сектор соочен со пандемијата, особено за микро и малите претпријатија, што е важно за да се адаптира, преживее а потоа и закрепне националната економија”, додава Арсовска.

Според Арсовска, важно е на претпријатијата да им се овозможат финансиски, но и нефинансиски мерки за поддршка, а тоа значи на граѓаните да им се понудат вистински промени кои ќе им овозможат подобар, достоен живот за сите.

„Она што граѓаните навистина очекуваат од Владата и институциите е борба против корупцијата и сивата економија, и ова е приоритет на кој треба активно да се работи. Овие предизвици треба да бидат решени системски, а владеење на правото е исто така од фундаментално значење ”, потенцираше таа.