20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Богоев го поддржа Весковски и му честиташе

Фејсбук статус на Стефан Богоев:

Упатувам искрени честитки до Душко Весковски , новиот кандидат за градоначалник на општина Карпош. Верувам дека Дуле нема да отстапи од програмските определби за заштита на животната средина, планска и хумана урбанизација (дисперзирање на градбата од урбаното јадро кон периферијата), заштита на јавниот простор, интензивно одржување на јавната хигиена. Впрочем, заедно, за овие цели се залагавме и во кампањата за локалните избори во 2017 година.

Посакувам Карпош и следната година да биде најтранспарентна општина и државна институција, затоа што само тоа е одраз дека корупцијата се искоренува, а граѓаните се дел од носењето на одлуките.

Уште пред неколку месеци, пред раководството на партијата посочив дека немам амбиција за втор мандат во Карпош. Се договоривме да преземам одговорност во централната власт, но во овој момент се фокусирам на успешно завршување на градоначалничката позиција.

Во најголема мера ова е моја лична одлука, иако на анкетите (членство/јавност) бев убедливо прв, со сигурна победа во првиот изборен круг. Зошто оваа одлука? Затоа што иако сум млад, не се водам од таков тип на емоции и еуфорија за изборна победа. Не поаѓам секогаш од себе и знам дека СДСМ ќе нижи уште многу успеси и победи во Карпош. Затоа што сметам дека Карпош е повторно на здрави нозе; финансиски стабилизирана општина; ја вративме довербата во локалната самоуправа; урбанизацијата е во одреден колосек; направивме нови градинки, маалски паркови, ги подобривме условите во основните училишта…

Да, има и нереализирани или делумно реализирани проекти (реконструкција на салата „Партизан“, продолжување на паркот кон бунарите на р.Лепенец, изградбата на базенот). Ова се проекти, за кои до последниот ден од мандатот ќе работам на поинтензивна реализација.
Имам енергија, искуство и знаење успешниот пример од Карпош да го пренесам и во друга институција. Со тим на луѓе, програма за работа и зацртани цели може да продолжиме да ги менуваме работите.

Еден лик не ја прави општината. Таа е мозаик од секој еден службеник/службеничка. И не сметам дека треба трагично да се сфаќа оваа одлука. За жал, како држава губиме многу време на калкулации и прогнози каде ќе продолжи нечија кариера. Не е „крај на свет“ ако не сакаш да се кандидираш за втор мандат, за градоначалник, премиер, претседател и сл. Здраво е, нормално е. Важно е да создаваме систем, кој нема да подлежи на сериозни промени при политичките и персонални ротации.

Јас ќе бидам дел од кампањата за локалните избори и со сите сили ќе се вложам за убедлива победа на СДСМ во нашиот Карпош.
Продолжуваме заедно! Се гледаме на #COOLтурноЛето