24.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Трајановски: Ана Петровска не е ниту непартиска, ниту независна и е соучесник во бетонизацијата на Скопје

Во колумната за „Слободен Печат“ „Ние не сме партиски“, ама сме од партија“, аналитичарот Жарко Трајановски посочува дека главната кандидатка за градоначалничка на „Зелен Хуман Град“ не го исполнува ниту условот за непартиски, ниту, пак, условот за независен кандидат, иако така беше претставена во јавноста и во медиумите: „Несомнено, г-ѓата Ана Петровска е позната и докажана екологистка, но таа не ги исполнува клучните услови на „Зелен хуман град“: да не била член на ниту една партија во последните 5 години и да не е вработена во некое министерство.

Во последните 5 години, Ана Петровска не само што беше член на партија, туку имаше и многу висока партиска функција – потпретседател на ДОМ. Како партиски функционер и кадар таа била именувана и за државни функции – прво како државна секретарка во министерство, а потоа и како директорка на државен инспекторат, државна функција што ја извршуваше до пред само еден месец!“

Петровска сега е вработена во Министерството за животна средина како помошник-раководител во Секторот со управување со отпад и не крие дека не се откажала ни од партијата која и овозможи да добие високи државни функции, укажува Трајаноски: „Во интервјуто од 8 страници во „Фокус“, во поднасловот „Не се откажав од ДОМ, туку од актуелното раководство“, таа појаснува: „Во ДОМ има многу искрени и чесни борци, откажувањето би било откажување од нив“. Исто така, Петровска „за Слободен печат“ вели дека „нејзиното, како и членството на останатите кои се залагаа за промени во ДОМ во моментов е замрзнато“. Изразот „замрзнато членство“ може различно да се толкува, па и така дека може во секој момент и да се одмрзне, ако партиските климатски промени станат благопријатни.“

Според Трајаноски, колку и да е добар еколог, Ана Петровска не може да се смета ниту како непартиски, ниту, пак, како независен кандидат, па оттаму ни листата на кандидат за градоначалник на „Зелен хуман град“ не е ниту независна ниту непартиска!

Трајаноски потсетува дека иако Ана Петровска ветува „Ќе ја запреме бетонизацијата на Скопје“, токму кога се спроведуваше најголемата бетонизација на Скопје преку проектот „Скопје 2014“, Петровска била претседател на Комисијата за урбанизам на ДОМ – коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и во извршната и во локалната власт: „Неодамна во еден ТВ настап градоначалникот на Центар потсети дека сите спорни урбанистички планови кога Груевски си го градеше „Скопје 2014“ – со кои практично беше овозможено „бетонизирање“ на Центар – биле донесени благодарение на гласот на советникот на ДОМ, пресуден глас без кој ВМРО-ДПМНЕ немало да го има потребното мнозинство.“

Затоа, Трајаноски поентира: „Што тогаш направила претседателката на Комисијата за урбанизам на ДОМ за да се сопре бетонизацијата на Скопје и уништувањето на зеленилото во Центар преку проектот „Скопје 2014“? Зошто како главна урбанистка на ДОМ не го убедила советникот во Центар да не гласа за спорните урбанистички планови, вклучително и за плановите со кои се овозможија „бетонските чудовишта“ спроти „Холидеј ин“, бетонското чудовиште на местото на „Универзална сала“, како и бетонските чудовишта во коритото на Вардар кои беа подметнати како „сплавови“?“

Според Трајаноски, ако тогаш Ана Петровска го убедела советникот на ДОМ, Груевски немало да има мнозинство за да го спроведува својот налудничав проект „Скопје 2014“ кој еколошки и урбанистички го упропасти Скопје.

Спонзорирано: