24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Учебната година ќе почне на први септември, но нема одлука дали ќе биде со физичко присуство

Учебната година ќе почне на први септември, но нема одлука дали ќе биде со физичко присуство.

Од Министерството за образование и наука информираат дека досега од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60% и апелираат наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира.

Што се однесува до тоа како ќе се одвива наставата, од МОН повторуваат дека има три сценарија.

„За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото, за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021 којашто се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн настава и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање“, велат од МОН.

Од таму наведуваат дека кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести.