19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Армијата со сите ресурси влезе во битката против пламените јазици

Армијата останува еден од главните столбови при справувањето со катастрофите и елементарните непогоди во земјава. Стотици нејзини припадници деновиве неуморно се справуваат со огнената стихија која го зафати источниот регион, а воедно за гаснењето на пожарите се користат и нејзините ресурси, како што се хеликоптерите, пишува Локално.мк.

Поучени од досегашните искуства, припадниците на Армијата кои се ангажирани на терен имаат поминато соодветни противпожарни обуки. Тие согласно Плановите за обука во Армијата еднаш годишно во пролетниот период реализираат и заедничка обука со пожарникарите, во општините каде се наоѓаат гарнизоните на Армијата, а исто така располагаат и со противпожарна опрема.

Последно, по барање на Центарот за управување со кризи, Армијата во погон ги вклучи и хеликоптерите за гаснење на пожарите при разгорувањето на пожарот во Кочани. Претходно во текот на денот хеликоптер на Армијата неколку часови се бореше со стихијата во реонот на Старо Нагоричане, каде со над педесет тони вода било помогнато во локализирање на пожарот, кој се закануваше да зафати дел од куќите во околните села.

Според проценките на ЦУК, армиските хеликоптери МИ-8/17, од составот на воздухопловниот ВИНГ, беа користени и за справување со пламените јазици во Кочани, но во согласност со безбедносните прописи и процедури кои важат за пилотите, а кои и во голема мера зависат од техничките карактеристики на самите летала.

Токму прописите и техничките карактеристики оневозможуваат, па и забрануваат, гасење пожари во ноќни услови, односно да се лета во вечерни услови во близина на јака светлина, каква што се создава од пожарите. Според упатствата за управување со ваквите хеликоптери, поради близината до изворот на светлина во ноќни услови, не постои прегледност на, како што стручно се користи изразот, „конфигурацијата на теренот“.

Воедно, согласно техничките можности и стриктните летачки безбедносни процедури леталата од овој вид имаат точно утврдено временско ограничување за лет во екстремни услови, кое подразбира и високи температури, поради кое се врши летање само во одреден временски интервал и во услови кои го дозволуваат тоа, па оттаму за гаснењето на пожарите од воздух се чека до раните утрински часови. Во истовреме, за последните пожари од Кочани, Старо Нагоричани и Пехчевско се борат околу петстотина припадници на Армијата.

Армијата ангажира дел од своите состави во асистенција и помош на локалната самоуправа и институциите во гасење на пожарите врз основа на наредбата од претседателот и врховен командант Стево Пендаровски, кој уште на втори август ја го мобилизираше составот. По наредбата за употреба на сили на Армијата во случај на елементарни непогоди за поддршка на локалните самоуправи и институциите кога тие не се во можност да се справат со истите или им е потребна неопходна помош, Генералштабот одреди во кои најкритични места по колку припадници ќе бидат испратени во борбата со пожарите.

Од друга страна, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба, при што, повторно една од главните улоги и припаѓа на Армијата.

– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба. Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба, информираат од Владата, образложувајќи ја донесената кризна состојба.

извор Локално

Спонзорирано: