Ова е гест на благодарност и практика на добрососедство, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со српскиот министер за инфраструктура, градежништво и сообраќај, Томислав Момировиќ, на граничниот премин „Табановце“ подели бесплатни М-картички за патарините во земјава.
-Оваа мерка, со одлука на Влада, се спроведува од 15 јуни до 15 август кога фреквенцијата на српските туристи е најголема. Досега се поделени преку 41 илјада картички. Процесот продолжува и натаму како гест на благодарност кон граѓаните на Република Србија за нивниот хуман однос, со тоа што во најголемата криза тие доделија бесплатни вакцини за граѓаните од нашата земја. Исто така, ги поканувам да ги посетат нашите туристички центри во Република Северна Македонија, истакна Бочварски.
Министерот за транспорт додаде дека двете земји имаат добри билатерални односи, а соработката на ниво на министерства ја оцени како одлична.
-Уште претходно во Словенија со српскиот колега зборувавме за соработка на уште повисоко ниво, за економско зајакнување на регионот. Во таа насока ќе го реализираме проектот за „оне-стоп-шоп“ железничка станица тука на Табановце, каде на едно место ќе се завршат сите царински и гранични постапки за побрз проток на луѓе и стока, кажа Бочварски, најавувајќи и повторно воведување на брзиот воз на релација Белград-Скопје-Солун.
Според него, на најдобар можен начин треба да се искористи и модерната патна врска од Коридорот 10, каде дополнително би се забрзал сообраќајот преку т.н. „брзи ленти“ на граничните премини.
-Развојот е условен од подеднаков развој во сите земји од Западен Балкан, со цел да се обезбеди просперитет на граѓаните, да се олеснат трговијата и транспортот. Ние остануваме посветени и на нашиот пат кон Европската унија. Нашето пријателство дополнително ќе го градиме за благосостојба на нашите граѓани, заклучи Бочварски.
Од друга страна, неговиот српски колега Момировиќ, порача дека Србија да големо значење на односите со Северна Македонија.
-Не поврзува историјата и длабоките корени меѓу нашите народи. Србија, во ек на пандемија, покажа дека храбро стои до своите соседи, а така ќе биде и во иднина. Во знак на благодарност, Владата на Република Северна Македонија, им овозможи на српските граѓани бесплатно да ги користи патиштата. Во име на сите граѓани на Србија им се заблагодарувам на македонските власти. Овој гест ќе даде светол знак на Мини-Шенген иницијативата, чија цел е ширење на економскиот простор, јакнење на конкуренцијата, засилена трговија, изјави Момировиќ.