12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Објавен нов повик од ИПАРД II, на располагање 9,6 милиони евра

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска го најави новиот повик од ИПАРД II-програмата.

Станува збор за јавен повик за мерката 7 – „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, преку кој во наредниот период на микро и малите претпријатија на располагање им се 9,6 милиони евра за реализација на инвестиции во повеќе сектори.

„Средствата од овој jавен повик се наменети за поддршка на инвестиции што ќе придонесат за да стимулираме развој на економски активности во руралните средини и руралниот туризам. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9,6 милиони евра, со можност во текот на јавниот повик износот да се зголеми. Средствата се обезбедни со поддршка од 75 % од ЕУ-фондови и 25 % национално кофинансирање, а вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата нема да ја надминуваат границата од 65 %. Со реализацијата на овој јавен повик целосно ќе ги искористиме средствата што ни се располагање од ИПАРД II-програмата“, изјави министерот Хоџа.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, истакана дека главната цел на оваа мерка е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини преку развој и промоција на руралниот туризам, зачувување и развивање на занаетчиските активности и мотивирање на руралното претприемаштво.

„Приоритетни сектори, кои се поддржани од оваа мерка, се инвестициите во алтернативното земјоделско производство, инвестициите во производство на прехрамбени и непрехрамбени производи, инвестициите во занаетчиските дејности, инвестиции во услуги за руралното население и инвестициите во руралниот туризам. Како корисници на мерката 7 се прифатливи и физичките и правните лица, кои спаѓаат во рангот на микро и мали претпријатија. Висината на финансиската поддршка се движи од 1.500 до 1.000.000 евра не вклучувајќи го данокот на додадена вредноста, а повратот на инвестициите е во висина до 65 % од вкупните прифатливи трошоци. Проектираниот буџет за оваа мерка е 9,6 милиони евра, со можност за негова екстензија. Ова се сериозни средства, кои ќе имаат директен импакт врз развојот на постојните, како и врз отварањето нови мали и микро претпријатија, кои се главните мотори на домашната економија“, истакна директорот.

На последниот повик преку мерката 7 се склучени 80 договори со вкупна поддршка од 8,5 милиони евра. Овие договори се зачеток на нови инвестиции во земјоделството, нови индустриски капацитети во руралните средини, нови сместувачки и угостителски комплекси, кои ја збогатуваат лепезата на домашната туристичка понуда, информираат надлежните.

Според нив, досега се веќе исплатени 30 % од средствата на Програмата, а потпишани се договори за речиси 80 % од средствата.

Во тек се и активности за подготовка на новата ИПАРД-програма 2021-2027 или ИПАРД III, преку која се очекува Република Северна Македонија да добие 60 % повеќе средства во споредба со ИПАРД II.

Ние сме лидери во регионот и од аспект на програмирање на новата ИПАРД III-програма, која очекуваме да биде проширена за дополнителни четири мерки. Веќе се почнати консултации во однос на програмскиот документ и предвидените мерки. Се очекува Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД-програма 2021-2027 за нашата држава во декември оваа година, истакнаа надлежните.

Крајниот рок за поднесување барања е заклучно со 22 август 2021 година. Сите заинтересирани потребната документација може да ја преземет од веб-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.

Спонзорирано: