22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери: Тоа што сум претседател на Собранието говори за нашите предности како мултиетничко општество

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со претставниците на Европскиот муслимански форум предводени од претседателот на овој Форум, Абдул-Вакхед Нијазов.

Посакувајќи им добредојде на гостите, Џафери упати поддршка за нивната досегашна активност и работа која е во насока на тоа да ја претстави во Европа и светот вистинската слика за исламот како религија и исламската свест во целина.

Тој се осврна на значењето и придобивките што ги има нашата земја со тоа што е мултиетничко општество и која претставува пример за соживот во регионот.

„Самиот факт што јас како припадник на албанската заедница сум веќе петта година или втор мандат претседател на Собранието и втор човек по функција во државата, говори доволно за нашите предности како мултиетничко општество“, нагласи шретседателот Џафери.

Во продолжение, тој ја нагласи и нашата заедничка стратешка определба за споделување на европските вредности во целост, а тоа го потврдуваме и со самиот факт што веќе сме земја членка на НАТО и земја која се очекува да ги започне преговорите со ЕУ.

Претседателот на Европскиот муслимански форум, Абдул Вакхед Нијазов, упати благодарност до Џафери за можноста за оваа средба и истакна дека му е чест да престојува во Република Северна Македонија, земја која е светол пример во регионот кога се во прашање почитувањето на религиските различности и права, мирот и соживотот.

Тој нагласи дека иднината на Европа е незамислива без муслиманскиот народ кој брои некаде околу 170 милиони. Тоа е народ кој е образован, материјално ситуиран и силно етаблиран во политичкиот, економскиот и општествениот живот ширум европските земји. Муслиманите во Европа, за разлика од оние кои живеат на другите континенти, живеат во демократски држави и општества и тоа претставува голема предност за нив во однос на останатото муслиманско население ширум светот, нагласи претседателот Нијазов. Тој исто така говореше за потребата од почитување на меѓусебните различности и толеранција и тоа претставува единствен услов за живот во мир и стабилност во европските земји.

На крај соговорниците заедно се согласија дека ќе продолжат да работат на полето на етаблирање и промовирање на меѓусебното почитување и соживот.