Премиерот Зоран Заев денес учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан.
Самитот го отвори германската канцеларка, Ангела Меркел, која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.
Покрај Заев, на Самитот говореа и премиерите од земјите членки на Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија како и францускиот претседател, Емануел Макрон и австрискиот канцелар, Себастијан Курц.
Премиерот Заев во своето обраќање посочи дека лидерите на земјите од Западен Балкан досега имале седум Самити на Берлинскиот процес и порача дека сите тие ја докажале и продлабочиле посветеноста за регионална соработка.
„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ“, посочи Заев додавајќи дека регионот презел како товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачал и резултати.
Сепак, премиерот посочи дека за лидерите на земјите од регионот, проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел.
„Без сомнение, целосната интеграција на Западен Балкан во европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност. Се согласивме дека регионалната соработка е основен фактор, а не замена за Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ“, нагласи Заев.
Според него, Берлинскиот процес успеал да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока.
„Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и Европската Унија. Сега тоа е завршена работа. Ние сме регион без роаминг и им доставивме опипливи резултати, кои произлегуваат од заедничкиот регионален пазар, на нашите граѓани“, рече премиерот.
Тој истакна и дека целта е да се зголеми привлечноста на регионот за странските инвеститори и да се овозможи поголем прилив на инвестиции преку заедничко задржување на инвестициите.
„Со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобро координирана промоција на проценките, ќе им дадеме јаки страни на нашиот значителен потенцијал за економиите од Западен Балкан да ја зголемат нивната привлечност за странско директно инвестирање“, објасни Заев.
Тој изрази увереност дека сите 6 земји од Западен Балкан ќе останат целосно посветени на понатамошното спроведување на резултатите за овој Самит во секоја клучна област.
„Исто така, сакам да им оддадам почит на сите експерти и претставници од администрацијата од мојата земја, од сите други земји на Западен Балкан и од регионалните институции/секретаријати, кои се и ќе продолжат да бидат ангажирани во работните групи и преговарачки тимови во подготовката на документите и другите бенефити кои произлегуваат од овој самит. Сите тие завршија одлична работа и заслужуваат целосно признание“, кажа премиерот и нагласи дека иницијативите за унапредување на регионалната интеграција во согласност со стандардите на ЕУ ќе продлжат и со тоа, како што рече, ќе се направи пореално ЕУ-инклузивното проширување.