22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Работна средба на заменик министерот Бајдевски со амбасадорката на Република Естонија, Кристи Карелсон

Можноста за унапредување на соработката, беше тема на денешната работна средба меѓу заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и амбасадорката на Република Естонија, Кристи Карелсон.

Двајцата соговорници разговараа за создавање услови за воспоставување на соработка меѓу ИКТ компаниите во двете земји. Во таа насока, меѓу другото се планира посета на бизнис делегација од Естонија во нашата земја, што би се реализирала за неколку месеци.

Како што истакна заменик министерот Бајдевски, со Естонија и во минатото сме имале успешна и продуктивна соработка, особено што оваа земја е лидер во дигиталната технологија.

Бајдевски потенцираше дека во Република Северна Македонија многу внимание и работа се посветуваат на дигитализацијата и многу работи веќе се направени како што се: Националниот портал за е-услуги, централниот регистар на население, Интероперабилност итн.

„Основите на дигитализацијата се поставени и останува да работиме на развивањето на услугите“, рече Бајдевски, посочувајќи дека естонските искуства се исклучително добредојдени, вклучувајќи ги и оние во однос на Сајбер безбедноста.

Амбасадорката Карелсон од своја страна изрази задоволство од средбата и ја искажа својата поддршка во насока на понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји.