„Државата му должи на Куманово и државата сега му се оддолжува на Куманово“, кажа на партиската трибина пред кумановчани пратеникот Мартин Костовски, кој додаде дека градот бил избришан од картата на земјата од 2006 до 2016 година и во него централната власт воопшто не инвестирала. Тој додаде дека е потребно да се направи јасна линија како владее СДСМ, а како владеело ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи голем број проекти, како што се рехабилитација на патот Куманово-Страцин и новите градинки, претходно биле мисловна именка за кумановчани.
-Владата им даде на општините 50 милиони евра за да ги покријат долговите од расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Но, се инвестира и преку проектот за поврзување на локални патишта, односно вкупно 450 километри. Потоа од ТАВ-програмата се обезбедени 35 милиони евра, иако тие имаа илузорни идеи за карго аеродром во Штип, но сега тие срества се пренаменети за модерна инфраструктура, изјави Костовски.
Пратеникот Костовски им се заблагодари на граѓаните на Куманово што оваа општина ја направиле бастион на СДСМ изминативе три децении.
-Во октомври не чека убедлива победа во Куманово и најголемиот дел од останатите општини. Имавме на претходните избори фасцинантна бројка од 16 советници, а за еден ни недостасуваше да имаме сами мнозинство, но сега тоа ќе го направиме. Воедно, со внатрепартсиките избори покажавме што значи модерна партија, а после реевиденцијата и изборот на раководството настапивме со сериозна агенда и разговараме очи во очи со граѓаните за да чуеме што треба да се направи и што треба да содржи новата програма. Без разлика кој ќе е кандидатот на нашата партија, ние ќе победиме во Куманово, заклучи Костовски.