14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Светска банка е наш стратешки партнер во создавањето на квалитетно и современо образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска учествуваше на координативен состанок со Светска банка во врска со проектните активности коишто се спроведуваат во делот на образованието. МОН со поддршка од Светска банка започна да реализира проект за унапредување на основното образование вреден 21,5 милиони евра кој ќе биде целосно заокружен во следните 5 години, односно до 2026-та година. Негова основна цел е да ги подобри условите за учење во основното образование во земјата.

„Реформските процеси во основното образованието, кои ги стартуваме од септември годинава се важни за создавањето на квалитетни идни генерации кои ќе го движат општеството и ќе бидат непроценлив ресурс на државата. Затоа истовремено инвестираме во нови современи наставни програми, во унапредување на наставниот кадар, но и во подобрување на условите во училиштата. Наш стратешки партнер во оваа суштински важна реформа е Светска банка, без чија поддршка не би можеле да ги реализираме овие процеси“, рече Царовска.

Министерката истакна дека овој процес има четири основни компоненти, или насоки во кои ќе се делува. Проектот се состои од четири компоненти – подобрување на училишната инфраструктура, развивање на програма за државно тестирање, зајакнување на компетенциите на наставниот кадар и мониторинг и управување на проектот.

„За да обезбедиме учење со разбирање што е примарната цел на новата Концепција инвестираме во кабинети по природни науки. Исто така се набавува ИТ опрема, како и нагледни и наставни помагала, но и нови клупи, столчиња, табли, но и ги збогатуваме библиотечните ресурси, вклучувајќи ги и дигиталните наставни материјали на чие користење ќе се даде приоритет во 4 одделение. За да обезбеди еднаква пристапност до ИТ уреди, МОН набавува таблет компјутери за учениците од социјално ранливи семејства што ќе им се даваат на времено користење. На овој начин овозможуваме и децата кои не се во можност да користат дигитални уреди, да може да употребуваат како дополнителна алатка при учењето“, рече министерката Царовска.