Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на покана на граѓанската организација Habitat for Humanity, присуствуваше на настан на кој беа посетени новите објекти со вкупно 48 станови за домување на лица во социјален ризик, изградени во Велес.
За време на настанот, во согласност со традицијата на Habitat for Humanity, вицепремиерот Битиќи, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска, , потпретседателот на Habitat for Humanity International за Европа, Блиски Исток и Африка, Ричард Хатавеј и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски учествуваа во волонтерска акција за градежни активности на шестиот станбен објект во населбата на Habitat for Humanity.
Подржувајќи ја визијата на организацијата Habitat for Humanity за свет во кој секој еден има право на пристојно место за живот, вицепремиерот во изјава за медиумите посочи дека имање на сопствен дом е една од базичните потреби на секој човек за да чувствува сигурност и да може да допринесува на општеството.
„Затоа, за мене, градењето домови за оние кои се соочуваат со потешкотии, е една од најхуманите акции кои можат да се направат. Сакам да се заблагодарам на Habitat for Humanity кои изградија шест станбени објекти во Велес, со што се овозможува дом повеќе семејства со ниски примања. Дополнителна вредност, е тоа што овие домови се енергетско ефикасни“, нагласи во изјава за медиумите вицепремиерот Битиќи.
Тој предочи дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на адаптацијата на климатските промени и на подобрување на енергетската ефикасност, преку секојдневни активности, стратегии и планирање, со кои се унапредува нашата земја и се создава зелена иднина за сите. Во моментот се работи на развој на повеќе стратешки документи, како што се Националниот план за адаптација на климатски промени, Националниот просторен план и Националната развојна стратегија, рече Битиќи и додаде дека со овие стратешки документи ќе се овозможи попредвидливо опкружување, одржлива економија, и општество кое ќе се грижи за сите граѓани.
Вицепремиерот се осврна и на активностите на Владата за изградба на домови за социјално загрозени категории на граѓани при што зборуваше за текот на активностите на Проектот за домување на социјално ранливите групи, кој се спроведува преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката во координација со Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии.
„Преку овој проект, кој започна уште во 2009 година, а за кој се планирани 50,7 милиони евра, планирана е изградба на 32 станбени објекти со вкупно 1725 станови. Планираните објекти се наоѓаат на целата територија на нашата земја, што претставува настојување на државата за порамномерен просторен развој. Досега се завршени 842 стана и истите се вселени, а од нив 164 се завршени во последните три години. Во завршна фаза се 132 станбени единици (Виница 36, Свети Николе 48, Пробиштип 48 ), а во фаза на изградба се 506 станови и тоа 29 се тука во Велес, 312 стана во Скопје, 52 во Гевгелија, 16 се во Демир Капија, 35 во Кочани и 62 во Неготино. Во текот на наредниот месец очекуваме да се отпочнеме со изградба на дополнителни 142 стана. Во тек е и проектирање на објекти во Штип и Прилеп со севкупно 103 станбени единици и истите ќе отпочнат со изградба до крајот на годината, со што ќе се заокружи целиот Проект. Максимално сме посветени на изградба на солидарно, правично и општество за сите граѓани“, додаде вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, при посетата на шесте нови објекти за домување, изградени од Habitat for Humanity во Велес.