4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска: Трансформацијата на знаењата и вештините на работната сила мора да биде во чекор со трансформацијата на целата економија

Живееме во време на технолошка револуција којашто фундаментално го менува начинот на нашето живеење и работење. Се проценува дека според своите размери, обем и сложеност, трансформацијата ќе биде поразлична од сето она што го доживеало човештвото досега. Иако сè уште не можеме прецизно да оцениме како ќе се одвива овој процес, јасно е дека одговорот на оваа нова трансформација мора да биде сеопфатен, вклучувајќи ги сите засегнати страни од нашето општество, како од јавниот, така и од приватниот сектор. Следејќи ги податоците од најновиот извештај на Светскиот економски форум, вниманието треба да се насочи токму кон потребата од трансформација на знаењата и вештините на работната сила, којашто мора да биде во чекор со трансформацијата на целата економија кон нејзина поголема дигитализација. Овој процес беше уште понагласен од пандемискиот шок со кој се соочи глобалната економија.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на почетокот на своето излагање на вебинарот на тема „Предизвици за високото образование од областа на економијата во периодот на постковид-19“, во организација на Катедрата за економија при Економскиот факултет – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Таа искажа поддршка за иницијативата на Факултетот, за заложбите да се обезбеди процес на иновирање на наставните содржини од аспект на стручните знаења и квалификации на студентите, согласно со предметите и наставните содржини коишто ги изучуваат студентите од областа на економијата.

„Народната банка, како сегашен и иден работодавач на студентите од Економскиот факултет, спроведе интерна анкета за оцена на подготвеноста на младите кадри за одговарање на барањата на работните места, особено имајќи ги предвид промените коишто се случуваа во централнобанкарското работење во последнава декада и за кои веруваме дека ќе бидат уште побрзи во декадата којашто следи.“ – извести гувернерката.

Врз основа на резултатите од анкетата, Ангеловска-Бежоска укажа на некoлку димензии во однос на вештините коишто е пожелно да ги стекнат студентите во текот на студиите, што би било од големо значење за нивно побрзо и поефективно приспособување кон потребите на работните места во Народната банка:

– Познавање на основите на применетите економетриски методи и модели – преку теоретска, но особено практична активност на проекти во текот на студиите. Притоа, одделно се осврна на аспектите што се релевантни за монетарната политика и истражувањето, во областа на финансиската стабилност и во делот на управувањето со девизните резерви и примената на монетарните инструменти во процесот на спроведување на монетарната политика;

– Изучување и стекнување способност за работа со еден или повеќе економетриски софтвери (Matlab, STATA, E-views), како и работа со големи и комплексни бази на податоци, за што се потребни и основни познавања во областа на науката за податоците (data science);

– Познавања за основите макроекономски статистики, имајќи предвид дека носењето соодветни монетарни и макроекономски политики се потпира на достапноста до квалитетни статистички податоци и показатели;

– Стручни знаења и квалификации коишто се предуслов за извршување на супервизорската функција при спроведувањето на следењето на работењето на банките, како и на останатите давателите на финансиски услуги – детални познавања за деловните процеси на работењето на деловните банки и финансиските активности коишто ги извршуваат тие, основните супервизорски стандарди, како и поголема практична работа стекната низ студиските изучувања на предметот „Банкарство“, пред сѐ, спроведена во работењето на банките.

Во своето излагање, Ангеловска-Бежоска посочи и на податоците од извештајот на Светскиот економски форум насловен „Работни места на иднината“, којшто меѓу другото укажува дека со забрзаната примена на новата технологија, на глобално ниво, ќе се отворат нови 97 милиони работни места, и тоа пред сѐ во сферата на вештачката интелигенција, анализата на податоци, особено обемните бази на податоци, дигиталниот маркетинг, развојот на бизнис, информациската безбедност и финтек-сферата, а ќе се има намалување на актуелните работни места. Ова, како што нагласи гувернерката, укажува на неопходноста од подготовка на кадар за „работните места на иднината“ и оттаму произлегува настојувањето на конструктивни предлози на денешниот вебинар.

На е-настанот учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски, и претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Владимир Наумовски.

Народната банка и Економскиот факултет – Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во овој период, ја засилуваат соработката со заеднички вложувања заради обезбедување предуслови за поголема продуктивност во економијата, што е остварливо исклучиво со квалитетен кадар подготвен за предизвиците на новото време.

Можеби ќе ве интересира

Германски министер за економија: На Украина ѝ се потребни 350 милијарди долари за реконструкција

M T

СДСМ: Македонската економија привлекува мултимилионски инвестиции

M T

СДСМ: Во услови на криза обезбедуваме стабилна економија и помош за граѓаните

M T

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е столб за одржување на финансиската стабилност

M T

Европска банка за развој: Економијата на Украина ќе падне за 30 отсто оваа година

M T

Бајден: Целта на санкциите е да се задуши руската економија во годините што доаѓаат

M T