Судот му определи мерки на претпазливост на еден од возачите учесници во тешката сообраќајка што се случи завчера на булеварот „Борис Трајковски“, поранешна „Првомајска“. Тој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајката во која загинаа две лица, а беа повредени седум лица, од кои едногодишно бебе се здобило со тешки повреди.
Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот, 25-годишен жител на село Батинци, скопско, со „Хундаи Акцент“ возел по левата сообраќајна лента од улицата „Борис Трајковски“. Кога пристигнал пред крстосница, непочитувајќи ги надолжните ознаки на коловозот ( удвоена бела полна линија), започнал да врши престигнување од левата страна на возило „Фиат Пунто“ кое се движело пред него.
Осомничениот со престигнувањето го попречил сообраќајот од спротивната насока и при тоа се судрил со „Мерцедес Е-200“ . Од ударот, возилото на осомничениот се придвижило кон десно и удрило во „фиатот“ кој се обидел претходно да го престигнува.
Возилото „Мерцедес Е-200“ од ударот се придвижило и отишло на коловозна лента наменета за сообраќај на возилата од спротивната насока, по што бил удрен од два автомобили „Фолсфаген Пасат“ и „Фолсфаген Шаран“ и завршило со движењето удирајќи во метална ограда на блискиот тротоар.
Од незгодата со телесни повреди се здобиле шест лица, а со тешки телесни повреди се здобило едногодишно дете.
Во сообраќајната незгода, поради тежината на здобиените повреди, на самото место животот го загубиле две лица, 28-годишен скопјанец – возачот на „мерцедесот“ и жител на село Студеничани на возраст од 50 години кој управувал со возилото „Фолсваген Пасат“.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осомничениот возач поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
До надлежниот суд, обвинителството поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против осомничениот и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола и забрана за издавање на нова возачка дозвола. Основниот кривичен суд Скопје ги определи предложените мерки на претпазливост на осомничениот.