23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Со планот на Владата, Северна Македонија ќе остане лидер во искористеноста на обновливите извори на енергија

Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата ја става енергетиката, односно одржливата енергија во преден план. Со предвидените фотонапонски и ветерни електрани и затворањето на јаглените централи, Северна Македонија ќе продолжи да биде лидер во искористеноста на обновливите извори на енергија и една од првите земји во Европа што ги затвора јаглените електрани.

„Само за минатата година го зголемивме производство на енергија од обновливи извори на 827 MW, што претставува раст од 10,1% и во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%. Во овој период максимално ќе инвестираме во обновливи извори на енергија, а согласно планот ИПИ 2021-2027, вложуваме напори да успееме дури и пред земји-членки на ЕУ да ги затвориме јаглените електрани“, кажа премиерот Зоран Заев.

Со проектите предвидени во планот за инвестиции, освен изградбата на нови електрани и премин од јаглени централи на обновлива енергија, Владата се грижи и за заштитата на работните места на граѓаните.

Помеѓу поголемите инвестиции кои ги најави Владата со ИПИ 2021-2027 во енергетскиот сектор беше фотонапонска електрана на локација на порано предвидениот аеродром во Штип. Оваа фотонапонска електрана би се простирала на 477 хектари и би произведувала меѓу 300 и 350 мегавати, колку што во моментов произведуваат двата блока на РЕК Битола.

Во следните неколку недели се очекува да почне изградбата на фотонапонска електрана во Осломеј, инвестиција на државата. Фотонапонски централи што се реализираат веќе и дел во следниот период ќе продолжат да се реализираат во Македонски Брод и во Свети Николе на државните локации, но и на многу други привлечни локации пуштени се веќе и во Неготинско, во Брвеница и на други локации, за 60 мегавати вкупната вредност е некаде околу 40 милиони евра.