24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Наставата на далечина е поорганизирана и ефективна, покажало истражувањето на УНИЦЕФ

Сите учесници во образовниот процес (директори, наставници и ученици) оценуваат дека наставата на далечина е поорганизирана оваа учебна 2020/21 година споредено со второто полугодие од 2019/20. Клучни промени се: доследна организација на наставата според распоред на часови и користењето на платформа за видео-конференциски повик за реализација на предавањата и часовите. Ова беше соопштено на презентацијата на наодите од истражувањето „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“, на која присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието и Тања Иванова, Претседателка на Реактор – Истражување во акција. Истражувањето е реализирано во две фази и споредува податоци од двете учебни години во периодот март 2020 – декември 2020 година.

Според истражувањето и директорите и наставниците во просек дале повисоки оценки за МОН и надлежните органи во поглед на јасноста на насоките кои ги добиваат за организација на наставата на далечина, споредено со претходната учебна година.

„Речиси половина од родителите чии деца имале настава на далечина (48%) го оценуваат работењето на наставниците со одличен пет, а дополнителни 26% со многу добар четири“, покажа истражувањето.

На прашањето дали во твоето училиште наставата на далечина се одвиваше според распоред 100% од учениците одговориле потврдно. Минатата година само 22% од учениците се изјасниле дека наставата е според распоред.

Двојно се намалува процентот на родители кои сметаат дека учењето на далечина не е ефективно. Минатата година 49% одговориле дека учењето на далечина не е ефективно, а оваа учебна година 26% го делат овој став.

Квалитативните наоди потврдуваат дека и според родителите на децата со специфични образовни потреби, организацијата на наставата е подобра оваа година. Клучна е улогата на образовните асистенти и подготвеноста на наставниците да ги следат индивидуалните планови за развој на децата, велат од МОН.

„Како и сите земји во светот и ние се соочивме со предизвикот за брза реорганизација на наставата во услови на пандемија. Сите знаеме дека не беше лесно, но дека вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година, што ни го потврдува и самото истражување. Наодите од него ни даваат прецизна слика за успешноста на учењето на далечина и каде треба да се фокусираме за да ги подобриме резултатите“, рече министерката Царовска.