Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на Законот за високо образование и кои се очекувањата во однос на Законот, изјави:
„Да. Најпрвин дозволете ми да изразам свое задоволство од настанот којшто го имавме вчера во Владата. Го организираше Министерството за образование и наука. И видовте и самите медиуми, како беа присутни ректорите на државните универзитети. И сите буквално дадоа поддршка на Законот. Тоа е прво.
Второ. Сите оние политички шпекуланти коишто јавно кажуваа дека се против законот, наводно на тој начин се нарушувала автономијата, импровизираат и манипулираат. Зошто, впрочем ги видоа вчера ректорите на државните универзитети како го поддржуваат. Тие во суштина се плашат од новите критериуми за избор во звање.
До сега, работевме по Законот од 2018 година. И нашиот најстар, најреномиран, еве би рекол Универзитет, во моментот „Свети Кирил и Методиј“, на Шангајската листа падна 1000 места. Уствари, не знам и дали воопшто е рангиран. А едно време беше рангиран.
Е сега, тие сакаат да работат еден ден во неделата. Сакаат плата 120-150.000 денари, а не сакаат еден труд да напишат годишно, што им е работа, еден труд. Не сакаат еден труд да напишат. Тоа е исто како, како јас сега како претседател на Владата да доаѓам на работа пола ден во неделата и да барам да имам десет пати повисоки примања и да не одговарам за ништо во државата. Тоа не иде така.
Оваа Влада ги покачи платите како резултат на Колективниот договор, двојно кај универзитетските работници. И знам дека ќе има и такви коишто ќе излезат и сега ќе ме критикуваат, иако сум јас редовен професор. И ќе кажуваат како тоа било вака, па ќе бараат точка и запирка во мојата изјава, но суштината е таа. Не сакаат да работат. Сакаат да имаат 6 часа неделно, да ги затворат во еден ден. Сакаат 120-130-150.000 денари плата и ни еден труд да не пишуваат. Ни еден научен труд да не напишат. Е тоа не може повеќе да биде.
Тоа повеќе не може да биде, затоа што работата на професорите и асистентите во високо образовните институции е составена од три столба. Апликативна работа, образовна, нели да предаваат, апликативна да соработуваат проекти со стопанство и така натаму. И научна, да пишуваат трудови. Тоа е она коешто го бараме. Еве, на одредени факултети им пречеше „Web of Science“, добро ја проширивме базата, еве и „Scopus“ ќе биде. Без пари, оваа Влада им овозможи да пристапат на базите на списанија коишто се во рамките на „Web of Science“ и „Scopus“, е па не знам што повеќе да направиме. Мора да работат, ако сакаат и ако сакаат да имаме иднина како држава, мора да се зафатат со работа.“


