Фондациите Отворено општество секаде низ светот, па така и во Македонија, секогаш биле глас на прогресот, глас на нешто што било напред или пред времето и глас на она што значело поддршка на прогресивните сили во општеството за да се надминат одредени ситуации или појави. Фондацијата за демократизацијата има направено многу. Прашање е колку од граѓаните, односно дали мнозинството граѓани се свесни за тоа, вели Фани Каранфилова-Пановска, извршен директор на Фондацијата Отворено општество по повод три децении работа во Западен Балкан .
-Факт е дека плуралзимот во медиумите е резултат на работата и делувањето на Фондацијата во раните деведесетти години. Помошта обезбедена за првиот приватен весник Дневник настрана од дотогашниот монопол на Нова Македонија, помошта на А1 телевизија, поддршката на неколку регионални телевизии во текот на 92-та, 93-та година и така натаму, беше еден значаен дел од нашата работа и значаен дел од ресурсите одеа за поддршка на медиумскиот плурализам, појаснува таа.
Фондацијата сите овие 30 години работи во насока на развој на граѓанското општество и тоа на автентичното, кое имало интерес и било посветено на застапување на вредностите на отвореното општество кои значат почитување на човековите права, добро управување, борба со корупцијата, сѐ она што значи слобода на говор и мисла, сѐ она што значи плурализам во политичкиот, општествениот и економскиот развој на државата. Поддршката на граѓанското општество се засновала на тоа да ги поддржуваме најмалите организации коишто функционираат на локално ниво и кои се многу значајни за поддршка на локалните заедници.
-Сме се труделе да изградиме организации коишто ќе бидат компетентни да се носат рамо до рамо и партнерски во одредени области со тоа што го работат институциите. Како резултат на голем број програми коишто некогаш биле програми во рамки на Фондацијата се издвоени како засебни организации низ овие триесет години сигурно над 25 организации од кои голем дел и ден денес постојат, функционираат и работат и коишто се, ако не единствени, едни од ретките кредибилни аналитичари и организации кои го разбираат доменот на својата работа во повеќе области како младинското организирање, прашањето за медиумите и новите технологии, европските интеграции или образованието на најмладите од предучилишно образование или пак, организации кои работат во доменот на некои од уметностите, вели Каранфилова-Пановска.
Според неа голем дел од овие организации се резултат на една долгогодишна посветеност на креирање капацитети меѓу граѓанските организации за вакви актери кои денес можат да бидат рамноправни партнери на институциите при креирањето на политиките, но и будни набљудувачи и критичари на процесите на носење на одлуки и реагирање тогаш кога е потребно.
-Со фондациите од регионот имаме извонредна соработка и секојдневна комуникација. Аспектот на соработка на теми кои се од регионално значење станува императив за нас, така што многу блиску соработуваме и сега во последните 2 години заеднички спроведовме повеќе проекти како мрежа на Фондации во Западен Балкан со канцелариите во Тирана, Белград, Приштина и Сараево. Пет фондации има национални во моментот во Западен Балкан, но регионално соработуваме и со актери од граѓанското општество и во другите држави каде што нема национална фондации, како што се Црна Гора или Хрватска, па некогаш и со Словенија, тврди Кранфилова-Пановска.
Според неа регионалната соработка е важен аспект во натамошното делување, се споделуваат знаења и искуства за заеднички да им се помогне на оние кои беа диспропроционално повеќе загрозени од кризата, а тоа се работниците со нивните работнички права, жените кои беа дел од неформалната економија, Ромите и другите малцинства.
-Работевме еден пакет проекти за економско-социјална поддршка на овие категории граѓаните со национален, но и со регионален пристап. Во иднина ќе биде важно и нужно да работиме сите заеднички на климатската транзиција, односно на трансформацијата на нашите општества и нашите економии. Планот за помагање или придонесување кон искористување на сите оние средства коишто пред сѐ Европската унија, но и другите актери ги ставаат на располагање за да ја направиме оваа климатска транзиција поедноставно и побрзо. На полето на работа со граѓаните и покревање на нивото на разбирање на граѓаните дека за да си ја заштитиме околината, да си ги заштитиме ресурсите како водата, почвата и шумите неопходно е секој од нас да биде вклучен и да го даде својот придонес. Нивото на свесност кај нас не е доволно и тука има значајно поле за работа кога станува збор за транзицијата кон зелени извори на енергија и сѐ што значи зелена економија. Има многу иновативни начини и методи, дури и граѓански организации и бизнис ентитети почнуваат да ги практикуваат на планот на креирање обновливи извори на енергија. Дали се тоа од ветерници, од вода, од рециклирање на ѓубрето. Има интересна иницијатива и во Штип за рециклажа на отпадот од текстилната индустрија, па и од тоа може да се прават некои репроматеријали, појаснува таа.
Според Каранфилова-Пановска третата област во којашто планираат соработка со регионалните организации се разните модели или инструменти со кои ќе се следи работата на институциите од аспект на спречување и превенирање на корупција.
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) одбележа 30 години постоење и работа на фондациите во Западниот Балкан. Преку дебата и документарен филм на јавноста ѝ беше прикажано што секоја од националните фондации успеала да постигне во изминатите 3 децении во овој регион.