Поранешниот ЕУ амбасадор во С. Македонија, Ерван Фуере смета Бугарија на земјите членки на ЕУ им презентира еднострана верзија на историјата за време и по Втората светска војна, верзија која ја наведе Софија да бара од Северна Македонија признавање на „бугарски корени“ и јазик. Тој во анализа за Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), еден од највлијателните тинк тенкови во Брисел пишува дека доколку се следеа историските аргументи во времето на интегрирањето на овие земји во ЕУ, тие немаше никогаш да станат земји членки и додава дека историските дебати не можат да се решат за една или две, па ни десет години.
-Од причини кои се чини повеќе се поврзани за домашната политика, бугарските политички партии одлучија дека сега е најдобро време да ја туркаат нивната верзија на историјата дури и на штета на нивниот најблизок сосед. Тие воедно ја држат политиката на проширување на ЕУ во заложништво, пишува Фуере во студијата на ЦЕПС.
Поранешниот амбасадор во Северна Македонија упатува критики и до другите земји членки на ЕУ, за кои смета дека вложиле недоволно напор за да ја разубедат бугарската страна.
-Со техничка влада сега во Бугарија и со нови избори закажани за 11 јули се чини дека има многу малку надеж за напредок на време за состанокот на Европскиот Совет на 22 јуни, предупредува Фуере.
Брзи решенија не се доволни, она што треба ЕУ да го направи, смета ЦЕПС, е солиден и сеопфатен дипломатски напор во соработка со други меѓународни организации како Советот на Европа и ОБСЕ. ЕУ, вели поранешниот амбасадор, треба исто така да се сврти кон својата институционална меморија и да ги разгледа другите применети постконфликтни решенија на други места, како Северна Ирска.
-Најважно од сѐ е потреба да се осигури дека процесот на зачленување во ЕУ остане слободен од секакви историски лекции и прашања поврзани за идентитетот. Дијалог, а не вето, пишува Ерван Фуере.