26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Создаваме амбиент Северна Македонија да биде стартап-хаб на Балканот

Премиерот Зоран Заев упати силна поддршка за иновативните идеи на македонската стартап-заедница и нивната голема улога во економскиот раст како на локално така и на национално ниво во своето воведно обраќање на првиот национален стартап-самит „Заеднички влијаеме“.

Премиерот заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, и амбасадорката на Швајцарија во земјата, Сибил Зутер Техада, како и со претставници од македонската стартап-заедница, ги дефинира чекорите што државата ги презема за да се позиционира како регионален стартап-хаб, каде што секое лице со квалитетна идеја ќе може да ја преточи во бизнис.

Заев рече дека Владата продолжува уште позасилено да ги мотивира стартап-компаниите да се развиваат, да освојуваат нови пазари, интернационално да се поврзуваат, да креираат висока додадена вредност и да прераснат во национални брендови.

„Вашите успешни иновативни приказни се мотив за сите оние што размислуваат дали да ја преточат својата идеја во бизнис. Во портфолиото на ФИТР, само во последните три години поддржани се 559 компании преку кофинансирани проекти, со над 76 милиони евра инвестиции, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година кога беа поддржани само 30-ина компании. Особено ми е драго што над 50 отсто од портфолиото на Фондот се стартап-компании, претежно основани од млади луѓе. Ова зборува дека имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе, кои е вредно да бидат поддржани, да работат за себе, за развој на бизнисот, а со тоа и за развој на економијата во сопствената држава. На сите претприемачи сакам да им честитам за храброста што и во услови на пандемија не застануваат, напротив, се мотивираат, ги дигитализираат процесите и имплементираат најсовремени алатки за развој на сопствениот бизнис“, рече премиерот и додаде дека Владата ги поддржува и дополнително создава услови за развој на претприемачкиот и иновацискиот екосистем.

Вицепремиерот Битиќи искажа задоволство за реализацијата на првиот национален стартап-самит бидејќи, како што рече, иднината се младите луѓе, визионери, претприемачи.

Директорот на ФИТР, Петров, пак, рече дека самитот се организира со цел градење посилна стартап-заедница, зајакнување на претприемачкиот дух во македонското општество и создавање глобално успешни стартапи.