24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

ММФ: Инфлацијата и натаму ќе биде умерена и е одраз на глобалните фактори

Монетарната политика е соодветна и треба сè уште да биде олабавена. Скорешното зголемување на инфлацијата најмногу се должни на глобалните фактори и е привремено. Во последните месеци, растот на глобалните цени на енергијата и на храната влијаеше врз инфлацијата. Иако веројатно ќе има некои преносни ефекти, се очекува дека инфлацијата ќе се намали во втората половина од годината. Се очекува дека потрошувачките цени ќе растат умерено – 2,2 проценти, во просек, во 2021 година.

Ова се дел од заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Берглјот Баркбу, по одржаните редовни состаноци.

Во изјавата дадена од Мисијата на ММФ е нагласено дека банкарскиот систем во целина е добро капитализиран и ликвиден.

„Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат одредено зголемување, со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строгите правила за класификација на ризикот и за издвојување резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби“ – е напоменато во изјавата.

И овој пат, од Мисијата на ММФ ја нагласуваат важноста на независноста на Народната банка.

„ Зачувувањето на независноста во работењето на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) е клучно за да се овозможи таа и понатаму да го остварува својот мандат за одржување на ценовната стабилност и заштита на финансиската стабилност, коишто се предуслови за одржлив економски раст“ – е истакнато во изјавата.

Од Мисијата на ММФ напоменуваат дека, на иницијатива на Народната банка, нашата земја ќе учествува во новиот пилот-проект на ММФ – Кодекс за транспарентност на централните банки, при што е посочено дека тој може да помогне во натамошното зајакнување на рамката за транспарентност и отчетност, со цел да се обезбедат ефективни резултати од политиките и дијалог со засегнатите страни.

Во изјавата, од Мисијата на ММФ посочуваат на очекувањето за економско закрепнување, коешто е условено од процесот на вакцинација и од натамошниот развој на коронавирусот.