Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видео средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јакуб Кулханек, прва средба по назначувањето на Кулханек за прв човек на чешката дипломатија. По тој повод, Османи упати искрени честитки до чешкиот колега и му посака успех во извршувањето на оваа одговорна државна функција.
Министрите изразија задоволство од евидентното интензивирање на билатералната соработка во повеќе сфери од заемен интерес, беше разговарано за можностите за интензивирање на економската соработка, истовремено беше изразено задоволство од нивото на соработка во секторот безбедност и одбрана, од успешната соработка и чешкото учество во заштитата на нашата јужна граница од илегална миграција, а Османи изрази благодарност за досегашните донации во текот на корона-пандемијата, известуваат од неговиот кабинет.
Османи во разговорот се осврна на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, како и на внатрешните политички процеси поврзани со нашата реформска агенда.
„Остануваме посветени на реформската агенда, со посебен фокус на европските приоритети. Продолжуваме и со активностите за унапредување на добрососедските односи, секако со фокус на Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на разликите кои создаваат политичка недоверба“, истакна Османи, посочувајќи притоа дека се надева на континуитет на дијалогот и со новата Влада во Софија.
Соговорниците изразија очекување за што поскоро усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција за формално започнување на пристапните преговори во јуни оваа година, за време на португалското претседателство со ЕУ.