Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

МОН: Нема бојкот на наставата, од часовите отсуствуваат изолирани случаи

Министерството за образование и наука информира дека помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата.

Апелираат до нив и до нивните семејства да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите и на процесот на стекнување знаења.

„Секое неоправдано отсуство предизвикува импликации во педагошката евиденција која ја водат наставниците за образованието и поведението на учениците, а воедно потоа тоа отсуство треба да се надоместува преку организирање дополнителна настава. Промените во основното образование се целосно во интерес на учениците и унапредување на образованието. Реформите се исто така и на барање на наставниците, но и потреба којашто ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Носење законско решение кое треба да донесе квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, не смее да биде причина за бојкот“, стои во писменото соопштение од Министерството за образование.

Од оваа институција дополнуваат дека дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година, а тој тренд е насекаде во светот не смее да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот.

„Потсетуваме дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците се елиминира веројатноста за појава на грешки“, потенцираат од ресорното министерство.