26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Николовски: Со законот за потекло на имотот ќе се оневозможи богатење на грбот на граѓаните

Со законот за потекло на имот ќе се оневозможи да се крие богатството, да се изнесуваат пари, да се сокрива и на грбот на граѓаните да се богатат сегашни, поранешни или идни функционери, изјави вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Тој додаде дека потребен е закон за потекло на имотот што ќе се однесува на сите граѓани и кој ќе ги опфати сите граѓани и бившите функционери.

„Во моментов ДКСК може да испитува потекло на имот само на актуелните функционери и што се случува? Функционерите кога ќе дојдат на позиција префрлуваат дел од имотот на други лица, а кога ќе заминат си го враќаат. Затоа што нив може да им се испитува имотот само кога се на функција, а не и претходно. Затоа тука имаме механизам за враќање назад до 10 години и за проверка на потекло на имот што ќе има широк опфат, за сите граѓани“ изјави Николовски.

Тој објасни дека не само избраните и именувани функционери ќе поднесуваат анкетни листови, туку сите раководни службеници, сите што одлучуваат за правата на граѓаните, сите царински службеници, сите вработени во УЈП и сите останати битни сегменти на општестовто на административно ниво.

„Граѓаните најмногу се жалат во овој поглед. Да, ние мора да ја продолжиме и засилиме борбата против високата корупција, но мора да ставиме ред и во овие институции. Неретко имаме раководители на одредени сектори кои што се поврзани или имаат удели во фирми кои шт осе поврзани со нивната работа. Тие треба да одлучат дали ќе работат за граѓаните или во приватниот сектор. На ова се надополнува и законот за потекло на името“ рече Николовски.

Како алка која се надоврзува во борбата со криминалот и корупцијата, вицепремиерот Николовски го истакна и Регистарот на вистински сопственици.

„До денес се регистрирани над 70 илјади субјекти кои што ги пријавиле вистинските сопственици. Ова оневозможува зделки на фирми од Панама, изнесувањето на богатството во разни острови итн. Мора за секое правно лице да се знаат вистинските сопственици во државата. Овој проект заедно се работи помеѓу Централниот регистар и Управата за финансиско разузнавања. Јавноста ќе има целосен пристап, ќе може да пребарате и да дојдете до вистинските сопственици кои ги има секоја компанија“ изјави Николовски.