Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: Причината за бојкотот на наставата е неоправдана

По одлуката на групи ученици во неколку училишта да ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука упатува апел за разумност и повторно приклучување кон преостанатите деца од своите класови. Од МОН велат дека причината за бојкотот на наставата е неоправдана.

„Причината за бојкотот на наставата е неоправдана ако се има предвид дека дигитализацијата на образованието е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование што ги наметнуваат развиените општества“, се наведува во соопштението.

Од МОН појаснуваат дека дигитализацијата на материјалите за учење е дефинирана во новиот Закон за учебниците и други наставни и дидактички материјали и предвидено е таа да се случува етапно, почнувајќи во четврто одделение од следната учебна година, така што во овој момент тоа воопшто не ги засегнува средношколците и тие немаат причина за отсуство од настава по овој основ.

Според МОН, законското решение, кое се однесува на учебниците, е во целосна согласност со потребите што ги наметнува светот во кој тие живеат, а тоа се светот и ерата на дигиталната технологија и никој од нив не треба да поттикнува или поддржува отпор кон промени, во чиј фокус се нивниот најдобар интерес и промените што ќе ја унапредат наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците, ќе го намалат обемот на домашните задачи и работата на родителите и старателите со учениците и ќе донесат подобрување на севкупниот квалитет на националниот образовен систем.

„Апелираме, учениците што денес не се дел од часовите, да ја продолжат наставата и успешно да ја завршиме учебната година. Во меѓувреме, граѓаните да продолжат да ги следат информациите што ги објавува МОН во врска со креирањето и имплементирањето на промените во образовниот систем бидејќи сите други извори на информации може да бидат неточни и од манипулативна природа, со намера да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, велат од МОН.