5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Економско-социјалниот совет: Да се зачува секое работно место и да се унапредат работничките права

Економско-социјалниот совет одржа свечена седница во Владата по повод 1 Мај – Денот на трудот. На седницата беше кажано дека најважно е да се зачува секое работно место и да се унапредат работничките права.

Премиерот Зоран Заев рече дека освен здравјето на луѓето, кризата се заканила да загрози илјадници работни места. Токму затоа, нагласи тој, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше, преку трипартитниот дијалог, на работниците да им се обезбеди поддршка за да се зачуваат стотици илјади работни места, а на работодавците да им се обезбедат програми за поддршка на работниот процес и за континуитет во нивното работење.

„Успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична, па дури и да забележиме закрепнување и напредок во повеќе дејности“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека изминатата година беше голем предизвик за сите, пандемијата предизвикана од Ковид-19 направи сериозни поместувања во светот и сето тоа се одрази на нормалното функционирање на животот, а со тоа и на економијата. Тој додаде дека само сплотени и со заеднички сили може да се надминат и најголемите предизвици и даде кус осврт на преземените активности за поддршка на работниците и унапредување на работничките права во изминатиот период.

„Кога на граѓаните им е најтешко, државата мора да застане зад нив. Со мерките го направивме токму тоа. Финансиската поддршка за исплата на плати, за која од буџетот се одвоени вкупно 138,1 милиони евра, за плати на нашите граѓани во периодот април-јуни, кога беа поддржани просечно 118.834 плати и во периодот од октомври-декември кога помогнавме просечно да се исплаќаат плати на 68.500 работници. Оваа поддршка е во текот и за месеците февруари-март 2021 година, а аплицирањето сеуште трае. Воедно на компаниите им овозможивме и ликвидни средства за нивно функционирање. Успеавме да го ублажиме негативниот ефект и падот на домашниот бруто-производ да го донесеме до 4,5 %“, посочи вицепремиерот Битиќи и дека во однос на зголемувањето на минималната плата направени се силни исчекори напред.

Министерката Шахпаска посочи дека заедно со претставниците на работниците и работодавците, Министерството за труд и социјална политика интензивно работи и на новиот системски закон за работни односи за кој ќе биде отворена широка општествена дебата.

„Новиот закон за работни односи ќе биде квалитетно и применливо законско решение, кое ќе одговори на предизвиците на денешницата и на потребите на работниците и работодавците. Работиме на модерни и ефикасни решенија за договорите за вработување, работата од дома и од далечина, сезонската работа, прецизирање на договорите на определено време, како и доуредување на прашањето за работното време, како и ноќната работа. Ќе понудиме целосно ново решение за мајчинското и родителското отсуство“, истакна министерката Шахпаска и додаде дека решението ќе биде во интерес на новороденчињата, во интерес на семејството, на родовата еднаквост и целосно во согласност со директивите на ЕУ и меѓународните стандарди на трудот.

„Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите и за креирање нови визии и перспективи“, истакна секретарот на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Златко Цветковски.

Претседателот на Организација на работодавците, Ангел Димитров, посочи дека во согласност со Уставот, Законот за работните односи, општите колективни договори и ратификуваните меѓународни конвенции, Македонија обезбедува висока заштита на работничките права.

Спонзорирано: