26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Шилегов: Скопјани ќе добијат ново шеталиште на кејот 13 Ноември на почетокот од летото

Реконструкцијата на кејот 13 Ноември, на потегот од градскиот плоштад до улицата Стив Наумов, се одвива со забрзана динамика и на почетокот на летото скопјани ќе добијат нов кеј за уживање, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

„Градежните активности на терен се интензивирани. Отстранети се централните и предните делови на терасите на угостителските објекти, со што е ослободено шеталиштето и прекрасниот средишен дрворед, што е едно од најатрактивните места во нашиот град. Изминатиов период се работеше на обновување на целокупната подземната инфраструктура, а во моментот се работи на поплочувањето на кејот и моите очекувања се дека во втората половина на јуни, на почетокот на летото, скопјани ќе добијат нов кеј за уживање“, истакна Шилегов на денешната седница за советнички прашања.

Овој проект е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје. Со реконструкцијата е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, паметни клупи, канти за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветление и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот 13 Ноември. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.

Терасите што ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја.