3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

„Гересхајмер“ отвора фабрика во Македонија и ќе вработи 400 луѓе

Инвестицијата на „Гересхајмер“ е многу важна од областа на здравството и фармацијата и како држава нѐ става на мапата на производители на медицински амбалажи што се користат насекаде во светот. Оваа фабрика ја најавивме во 2019 година, денешното пуштање во употреба на инвестицијата е само дел од севкупните планови за инвестирање на „Гересхајмер“. Инвестицијата во оваа фаза е 25 милиони евра. На среден рок предвидено е да се отворат 400 работни места, а компанијата има сериозни планови и за натамошно проширување“, изјави премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на фабриката, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за здравство, Венко Филипче, како и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Премиерот Заев истакна дека ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а Северна Македонија е избрана како поволна бизнис-дестинација во конкуренција со земјите од соседството, поради, како што рече, политиките на Владата, како и членството во НАТО, што значи зголемена сигурност, стабилност и атрактивност за странските инвестиции.

„Компанијата ‘Гересхајмер’ најавува и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцови за медицински цели. Ова ќе биде најголема поединечна инвестиција во историјата на Северна Македонија од областа на медицината и фармацијата“, изјави премиерот Заев и додаде дека висококвалификуваниот кадар на компанијата, претежно инженери, имаат двојно повисоки плати од просечната.

Заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, истакна дека Владата во изминатите 4 години направи исчекор во начинот како се привлекуваат не само странските туку и домашните инвеститори и како се креира додадена вредност.

„Додадената вредност се подобро платените работни места, нашите компании да бидат дел од синџирот на набавка на одредени индустрии, што можеби во минатото тешко беше да се поверува. Отворањето на оваа фабрика на ‘Гересхајмер’ за нас е многу важен чекор затоа што ова е прва нивна фабрика во Југоисточна Европа, а со најавите дека размислуваат за проширување навистина ни дава задоволство секогаш да ги поддржиме. Ова само покажува и потврдува дека нашата посветеност за креирање предвидлива и поволна бизнис-клима е секојдневно присутна“, потенцира Битиќи, при што посочи дека само во 8 месеци потпишани се 53 договори за поддршка на инвестиции на домашни и странски компании со вкупен инвестициски циклус од 95,7 милиони евра и нови 2.000 работни места.

Директорот Деспотовски рече дека оваа фабрика што се отвора денес е конкретен резултат на посветена работа на оваа Влада.

„Нашата посветеност продолжува и преку интензивните преговори што ги водиме со компанијата за нова инвестиција. Можам само да го истакнам моето очекување дека набргу ќе можеме да склучиме најголем договор за странска инвестиција во историјата на Северна Македонија. ‘Гересхајмер’ само во првата фаза се обврза да отвори 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Нашите сограѓани што работат овде веќе примаат плати двојно над државниот просек. ТИРЗ и оваа Влада се насочени кон компании со напредни технологии, кои носат високоплатени работни места, кои ќе обезбедат добар животен стандард и се начин да им обезбедиме перспектива и иднина на младите дома, во својата земја“, изјави Деспотовски.

Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел, рече дека станува збор за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија, кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.

Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и почна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра. Оваа компанија има погони за производство во Европа, Северна и Јужна Америка и во Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарда евра.