25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Политичко – партиски пораки од протестот на угостителите, а ниту збор дека примиле 7 пати повеќе помош од нивниот придонес во економијата

Угостителите и туристичките работници на денешниот протест испраќаа партиско – политички пораки до владата, но не изустија ниту збор за владините антикризни мерки насочени кон нивниот сектор. Исплашени од аргументите дека овој сектор го има во секој пакет мерки, а сега во шестиот ќе има и уште повеќе за тоа што угостителските објекти се целосно затворени периодов, како и соочени со фактот дека примиле седум пати повеќе државна помош од тоа што придонесуваат во домашната економија, угостителите со транспаренти и партиски декор зборуваа како на предизборен митинг.

Оние кои зедоа збор своите политички пораки до владата ги искажуваа од говорница на Сојузот на стопански комори, па затоа се наметна прашањето дали коморите стојат зад денешниот политички мотивиран протест? Јавноста треба да знае дека Сојузот на стопанските комори е постојан партнер на владата во креирањето антикризни мерки, од првиот, па се до шестиот пакет, исто како и синдикатите, експертската јавност и други релевантни фактори. Оттаму, нејасно е зошто Сојузот на комори дозволил на нивна говорница, некои угостители и туристички работници да навредуваат и критикуваат врз политичка основа? Ако коморите се согласуваат со ставовите на угостителите, пред се оние политичките, тогаш зошто таквите прашања не ги отворат во дијалог со владата, но доколку не се согласуваат тогаш коректно е на јавноста да и соопштат за тоа, како и за злоупотребата на нивната говорница.

Инаку, кога е актуелна забраната за групиурање на јавен простор, угостителите целиот протест го поминаа во поголеми групи, со по 10, 15, 20 лица, од кои дел не користеа ниту заштитна опрема. Што значи, демонстрантите не внимаваат на ширењето на вирусот, а токму пандемијата која во последните недели кулминираше со голем број заразени беше причина за затворање на нивните угостителски објекти. Од една страна не го штитат јавното здравје за што побрзо да отворат, од друга, обвинуваат како да не добиле ни денар од државата.
Но, вистината е сосема поинаква. Тие примиле седум пати повеќе државна помош отколку што придонесуваат во домашната економија. Ова е факт кој не може да се игнонира и сокрие, а кажува дека угостителите и туристичките работници до сега избројале 37,5 милиони евра преку владините антикризни мерки. Во сите четири пакети антикризни мерки кои беа спроведени во текот на 2020 година, директните плаќања од буџетот се во износ од 350,5 милиони евра, додека за секторот угостителство и туризам се потрошени 37,5 милиони евра, што е 10,7 отсто од вкупната помош од секторите во кои се извршени директни плаќања од буџетот кон крајните корисници. Ако направиме споредба на уделот во БДП на РСМ кој овој сектор го имал за 2019 година од 1,54%, се доаѓа до заклучок дека угостителството и туризмот биле поддржани седум пати повеќе отколку што придонесува во домашната економија. Ако на ова сега го ставиме и шестиот пакет, со кој најмногу ќе бидат опфатени, тогаш процентите во полза на помошт ќе имаат уште повисоки проценти во однос на придонесот на овој сектор во економијата.