Министерот за здравство, Венко Филипче, на социјалните мрежи објави дека денеска остварил средба со семејството на Верица, младата девојка што трагично го загуби животот, но чии родители решија да ги донираат нејзините органи.
„Со овој чин досега спасија три животи. Чест ми беше да ги запознам овие луѓе чија големина и алтруизам оставаат без зборови. Во име на Владата и од мое лично име им ветив дека ќе добијат целосна поддршка за решавање на проблемот со вработувањата што го имаат и уште еднаш им се заблагодарив од срце за нивниот несебичен гест“, напиша министерот по средбата.
Претходно, Филипче го посети и Иле Стрезовски, кому му беше извршена трансплантацијата на срце.
Според министерот, Иле полека заздравува.
„Неполни два дена по операцијата, која му го спаси животот, младиот Иле полека заздравува на Клиниката за кардиохирургија. Бескрајно благодарен на тимот лекари што помогнаа да добие нова шанса за живот и, пред сѐ, на семејството на младата девојка чие срце денес чука во неговите гради. Му посакувам што побргу да закрепне и да се врати дома кај своето семејство“, напиша Филипче на „Фејсбук“.