Соопштение за јавност на СДСМ – реакција на соопштение на ВМРО-ДПМНЕ ннтегрално
ВМРО-ДПМНЕ е неспособно да ги види новите булевари и улици во Скопје
ВМРО-ДПМНЕ е неспособно да ги види промените во градот исто како што беше неспособно да го види револтот од граѓаните пред 4 години. Тешко им е да ја прифатат новата реалност, дека Скопје се менува и чекор по чекор прераснува во модерен град, гордост за сите.
Тешко им е да прифатат дека во Скопје за прв пат после многу години речи си истовремено се градат 4 нови булевари, АСНОМ, Никола Карев, Христијан Тодоровски Карпош и Босна и Херцеговина. Тешко им е да прифатат дека за 4 години почнаа да се градат 2 нови мостови, Михајло Апостолски кај Аеродром и мостот на Љубљанска во Карпош.
На ВМРО-ДПМНЕ им е тешко да прифатат дека побрзо се градат нови булевари, дека побрзо се реконструираат улици и многу побрзо Скопје станува велоград. Повеќето од 100 км нови велосипедски патеки за нив се уште не постојат. Новите 33 еко автобуси за нив не постојат, постојат само старите кинески автобуси за коишто има истрага при нивната набавка, набавени без никаков сервис и можност да се одржуваат.
Тешко им е на ВМРО-ДПМНЕ да прифатат дека нема панорамско тркало, нешто за кое сакаа да потрошат 20 милиони евра. Тешко им е да прифатат дека се ослободува кејот кој самите дозволија да се узурпира.
За нив не постојат новите дрвореди по сите булевари, коишто во нивно време беа исечени. Не постои ниту обновата на зелените површни коишто во нивно време беа поплочени со бехатон.
За ВМРО-ДПМНЕ не постои ниту Дрисла како градско претпријатие кое конечно е во служба на граѓаните. За нив не постои ниту новиот стационар „Лајка“, кој во нивно време беше полн со влага и вон сите нормални услови за згрижување на кучињата скитници.
За нив не постојат ниту реконструкциите на сите средни училишта, новите еко фасади. За нив постојат само барокни фасади кои чинеа десетици милиони на товар на граѓаните, фасади коишто денес се распаѓаат и се уште една закана за безбедноста.
За нив не постојат ниту новите зелени кровови и новите зелени скверови во Скопје, каде што самите скришно се фотографираат и уживаат.
Многу работи за опозицијата сега не постојат, ама за среќа, постојат за граѓаните на Град Скопје. Скопјани денес слободно можат да се гордеат со новата приказна на нивниот град, која служи како позитивен пример за други градови, а не како негативен пример, како што беше „Скопје 2014“ – проект на кичот, невкусот и лудилото.