Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посетa на вакциналниот пункт и на Итната медицинска помош при здравствениот дом во Гостивар. Тој беше запознаен со протоколите според кои се одвива процесот на вакцинација во Гостивар и во Гостиварскиот Регион.
Пендаровски ја нагласи потребата процесот на вакцинација да се одвива континуирано до целосна имунизација на населението. Во тој контекст порача дека и личната одговорност на секој граѓанин е еден од предусловите за побрзо и побезбедно стекнување колективен имунитет.
Директорот на Здравствениот дом, Јамин Синани, го информира претседателот за моментно опфатените таргет-групи, во кои се вакцинираат граѓани над 77 години, со постепено намалување на возрасната граница, која веќе опфаќа лица над 60-годишна возраст, како и за динамиката во согласност со која се имунизираат 50-ина граѓани дневно.
Пендаровски разговара и со медицинските лица задолжени за спроведување на вакцинацијата, кои истакнаа дека процесот се одвива непречено според календарот на имунизација. Оние што денеска се вакцинираа упатија апел до сите граѓани, и млади и повозрасни, да се вакцинираат бидејќи, како што велат, со тоа се спасуваат животи.
При посетата во Гостивар претседателот Пендаровски беше и во службата на Итната медицинска помош во рамките на Здравствениот дом, каде што со вработените разговараше за нивната работа, капацитетите и предизвиците со кои се соочуваат, особено за време на пандемијата на Ковид-19. Од Итната помош го информираа за бројот на интервенции на дневно ниво поврзани со пандемијата, но и со други случаи. Во однос на имунизацијата истакнаа дека персоналот е веќе вакциниран, со исклучок на вработените што сѐ уште закрепнуваат од Ковид-19.