25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ѓорѓиевски: Поради криминалната афера „Мафија“, Македонија може да го загуби безвизниот режим

Издавањето на официјалните пасоши и документи од страна на МВР на светски криминалци, наркобосови, мафијаши и припадници на ИСИС е загрозување на безбедносниот систем на другите земји, а не само на македонскиот, истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Македонија, поради Зоран Заев и Оливер Спасовски, како што рече, стана европски и светски безбедносен проблем.

Последиците од оваа афера може да бидат далекосежни и за Македонија како држава и за нашите граѓани, вели Ѓорѓиевски.

Според него, Европската комисија веќе посочила дека нарушувањето на безбедноста на личните документи од вакви размери, како што се случи во Македонија со оваа афера „Мафија“, го загрозува клучниот услов за либерализацијата на визниот режим за граѓаните на нашата држава.

„Со други зборови, неисполнувањето на овој услов ги доведува сериозно во прашање безвизниот режим и слободното патување на граѓаните на Македонија без визи во земји од Европската Унија. Впрочем, давањето закрила на терористи, мафијаши и криминалци од страна на власта на Заев го гледаат и надвор од границите на Република Македонија. И таму веќе знаат дека не е возможно босови на турската, италијанската, албанската, црногорската, српската и шпанската мафија да добивале пасоши од обични полициски чиновници од МВР. Некој од високите функционери морал првин да им обезбеди влез во Македонија бидејќи биле барани со меѓународни потерници, да ги спроведе до полициска станица, да им обезбеди официјални документи со злоупотреба на лични идентитети, матични броеви и потоа да им дозволи слободно да ја напуштат државата и да пустошат насекаде во светот“, рече Ѓорѓиевски.

Тој посочи на одговорност, како политичка така и кривична, и според него најголемиот проблем е што поради криминално-институционалната спрега во Македонија, ќе страдаат и граѓаните, но и стопанствениците, кои ризикуваат да го изгубат стекнатото право без визи да патуваат во Европа.