Не поскапуваат само бензините во Македонија, туку поскапуваат основните трошоци за живот. Додека власта сака да покаже дека сè е розово, реалноста е дека граѓаните имаат сè помалку пари да ги набават основните продукти чии цени растат од ден на ден, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.
„Не се само бензините што поскапуваат во Македонија, поскапуваат основните продукти, поскапува маслото за јадење, поскапуваат сите намирници за нормален живот. Дали треба да има одговорност во оваа влада, апсолутно дека треба да има одговорност. Тие фиктивно ја покачуваат просечната плата, а цените во кој било маркет постојано растат“, вели Мисајловски.
Тој потенцира дека ниту 100 прес-конференции на СДСМ нема да го покријат фактот дека граѓаните живеат полошо и додаде дека поради тоа време е целата влада да си даде оставка.
„Дали имаме подобар живот е прашањето за жал, дали граѓаните се посреќни, дали имаат повеќе средства? Не. Тоа е само една фикција, со 100 преса СДСМ и власта ќе прикажат дека има живот во Македонија, но, за жал, не е така. Тие се апсолутно неспособни на секое поле и треба да има оставки. Не само на поединци туку на цела влада“, нагласи Мисајловски.