13 C
Скопје
18. април 2021
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Клиниката за хематологија апелира до граѓаните редовно да одат на преглед

илустрација

Раното дијагностицирање на хематолошки малигни заболувања може да спаси живот.

Пред повеќе од една година новиот коронавирус започна да се шири низ светот и предизвика пандемија, а со тоа и кризна состојба на светско ниво.

Она што навистина загрижува, велат од Клиниката за хематологија, е тоа што што поради стравот и мерките на претпазливост пациентите одбегнуваат да одат на рутински прегледи кај своите матични лекари и сè почесто одлучуваат да останат дома дури и кога имаат симптоми и нарушено здравје.

Ваквата состојба, велат од таму, е особено загрозувачка за лицата кои имаат хематолошки заболувања.

Токму поради тоа, директорката на Универзитетската клиника за хематологија, проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис, апелира до граѓаните кои имаат потреба за преглед или лекарска консултација да не го одложуваат одењето на лекар бидејќи раното дијагностицирање и соодветниот третман на хематолошките малигни заболувања имаат клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот.

Ако пациентите се третираат навремено, вели таа, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и квалитетен живот.

„Пандемијата со Ковид-19 има големо влијание врз времето потребно за поставување на финалната дијагноза кај пациентите кои страдаат од хематолошки малигни заболувања. Дисконтинуитетот во патот на дијагностика на пациентот со малигна лимфаденопатија доведе и до намален број на новодијагностицирани пациенти. Голем дел од пациентите од страв од самата пандемија остануваат дома, самите не можат да ги препознаат симптомите на малигна лимфаденопатија и сето ова води кон задоцнето поставена дијагноза, а со тоа и полош клинички исход за пациентите. Ги советувам пациентите да не се плашат од евентуална зараза со коронавирусот затоа што на клиниката строго се почитуваат и спроведуваат сите здравствени протоколи. Со цел прегледите да бидат побрзи и безбедни, со пократок ред на чекање и да се запази социјалната дистанца, а притоа пациентите да добијат современа и комплетна услуга, по принципот еден пациент во една ординација, работата на клиниката се одвива во две смени. Апелирам и до матичните лекари да ја користат новата е-амбуланта, дел од ‘Мој термин’ (телефонска консултација со матични лекари) која овозможува закажување на консултативен термин со одреден специјалист за своите пациенти за кои сметаат дека имаат потреба од специјалистичка консултација“, вели проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис.

Таа додава дека бидејќи и психофизичкото здравје на пациентите кои веќе имаат поставена дијагноза малигнен лимфом е многу важно подготвена е и соодветна брошура на тема „Водич запациентите со не-хочкинов лимфом“.

Имајќи ја предвид важноста на навременото дијагностицирање на ваквите заболувања, Здружението за хематологија на Македонија изработи и нов Алгоритам за дијагностика на зголемени лимфни јазли во тек на пандемија. Новиот алгоритам веќе е достапен за сите матични лекари и општи болници на ниво на целата држава.

„Во изминатиот период беа организирани и неколку едукативни вебинари за стручната јавност, како и гостувања во телевизиски емисии од областа на здравството, на тем ‘Што претставува лимфомот’ со цел да ја зголеми јавната свесност за оваа болест, нејзините рани симптоми, како и кој е најбрзиот пат до соодветна дијагностика, затоа што смртноста на недијагностицираните и нетретирани малигни болести е поголема од смртноста предизвикана од Ковид-19“, велат од Клиниката за хематологија.