Владејачкиот СДСМ смета дека новите мерки за заштита ќе придонесат за намалување на притисокот врз здравствениот систем.
„Државата се соочува со сериозен бран на коронавирусот, бројката на новодијагностицирани и на хоспитализирани пациенти е многу голема, а здравствениот систем е под најголемиот притисок од почетокот на пандемијата. Бидејќи здравјето на граѓаните е највисок приоритет на институциите предводени од СДСМ, Владата на препорака на Комисијата за заразни болести донесе одлука за заострување на рестриктивните мерки“, потсетуваат од СДСМ.
Според нив, мерките се потребни за да се пресретнат нови, сериозни влошувања на здравјето на граѓаните и на функционалноста на здравствениот кадар и здравствениот систем.
„Неопходно е доследно почитување на мерките, најсериозно и најодговорно и да се заштитиме и себе и нашите најблиски. Ова е ситуација кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје, коешто е обврска на секој од нас. Сите заедно да се спротивставиме на ширењето на опасниот вирус и заедно со масовната вакцинација да го победиме опасниот, невидлив непријател“, додаваат од СДСМ.