Не ми е сеедно дали мојот БДП ќе го поделам од 11 милијарди евра на резидентното население што ја остварува таа бројка или со регистарот на државјани што создаваат БДП во државите каде што живеат и тоа нема да го прифатам. Тоа е лажирање, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан за пописот во дијаспората.
Тој додаде дека во методологијата на Евростат јасно се наведува што е резидент, што е дијаспора, што е привремен резидент. Сите оние што во момент на попис се надвор, а не го одјавиле живеалиштето во рок од 12 месеци, може да ја користат онлајн-апликацијата.
„Од првиот ден, заклучно со овој денешен ден, кога го давам одговорот на вашето прашање, мојот став е дека дијаспората се евидентира. И не може да биде дел од пописот. Зошто? Еве ќе ви објаснам зошто. Ако го прочитате законот, членот 8, во став 2 и 3 јасно се кажува кој дел од лицата што во моментот на спроведување на операцијата попис не се наоѓаат во Македонија, туку се надвор од Македонија, односно со привремен престој, јасно значи дека тие не го откажале живеалиштето тука и во следниот член е детерминирано привремен престој, а тоа подразбира дека тоа лице се наоѓа таму поради образование, здравствени причини, бизнис итн. Сите лица што имаат повеќе од 12 месеци одјавено живеалиште во Македонија не може заедно со мене да влезат во вкупната бројка на резидентно население. И јас и ВМРО-ДПМНЕ тие бројки нема да ги признаеме. И не постои сила што мене ќе ме натера да одам спротивно од стандардите на Евростат“.
Мицкоски посочи дека такви несериозни работи и луѓе што користат национализам, за да ги зачуваат своите привилегии, ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните во Македонија не само на Албанците туку и на другите што живеат во Македонија – Македонците, Турците, Србите, Ромите, Власите, И во Сарај, и тој во Грчец, и тој во Желино, кој мака мачи денеска да го помине денот и да го прехрани своето семејство, исто живее како тој во Ново Село, Босилево, Василево.
„Тие луѓе што го одјавиле местото на живеење од Македонија ќе бидат попишани онаму каде што живеат, а не тука. Не може двапати да бидат попишани. Колку и да сакаат да се трудат малкутемина политичари од албанските партии да ги злоупотребуваат чувствата на Албанците, нема да успеат“, нагласи Мицкоски.